Протест на вработените во Македонска пошта

Поштарите се лицето на Македонска пошта, а немаат униформи, обувки ниту превозни средства, велат од синдикатот кој денеска на состанок со генералниот директор и управниот одбор ќе ги изнесе барањата за подобрување на условите за работа и навремена исплата на плати. Денеска вработени во подружниците на Македонска пошта меѓу кои и охридската излегоа на протест во знак на револт од состојбата во компанијата.

 |   | 

Вработени во А.Д. Македонска пошта во сите подружници во државата денеска излегоа на протест. И вработени во охридската подружница го изразија својот револт од актуелните состојби во компанијата. Велат дека Македонска пошта подолг период е во сериозна финансиска криза што се рефлектира врз условите за работа и технолошкиот процес, но сега го достигнала својот врв што резултирало и со доцнење во исплатата на плати.

Тоа значи немање основни средства за работа како во делот на платниот промет така и во делот на доставата на пратки што во крајна линија се имплицира врз крајните корисници на нашите услуги. Се соочуваме со проблем во одржување на основните средства како што се компјутери , принтери, немаме тонери, хартија. Во делот на доставата немање опрема за поштарите, немање униформи, мопеди, велосипеди – истакна Тони Матески, контролор водител во А.Д. Македонска пошта, претставник на Синдикат.

Од Синдикатот посочуваат дека има недостиг на вработени за достава и дека не се одржуваат средствата за превоз што доведува до ненавремена и неквалитетна испорака на пратките. Потенцираат дека поштарите се лицето на фирмата, а немаат унифицирани униформи, ниту обувки. Со вакви услови се соочуваат околу 160 вработени на Подружница на Македонски пошти Охрид која ги опфаќа и поштите во Струга и Дебар со своите експозитури. Бараат инвестирање во основни средства за работа и навремена исплата на плати.

Согласно на тоа бараме од менаџерскиот тим да има посериозен пристап и разбирање за состојбите во Македонска пошта, дека сепак станува збор за егзистенционални прашања на сите вработени, сите сме загрижени за нашата егзистенција, но и за иднината на нашата компанија. Значи бараме да излезе менаџерскиот тим со конкретни мерки и чекори во иднина за санирање на состојбата и компанијата да почне да функционира нормално како што доликува на компанија која е од стратешки интерес на државата – вели Матески.

Барањата се упатени до Управниот одбор на А.Д Македонски пошти и генералниот директор и Претседател на Управен одбор Јани Макрадули. Денеска претставниците на синдикатот ќе одржат состанок со генералниот директор и УО од чиј исход ќе зависат следните чекори на вработените.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top