Промоција на нов проект: „Декада на припадност – Славење на различностите“

Сите граѓани од југозападниот регион на Македонија кои сакаат да живеат во Охрид и Струга, кои веруваат дека соживотот и соработката е вистинскиот избор за нашиот регион и кои се спремни да го дадат својот придонес во различни сфери од животот, можат да се вклучат во новиот проект „Декада на припадност – Славење на различностите“.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Промовиран новиот проект „Декада на припадност – Славење на различностите“. Овој проект наредниве три години ќе го работат активистите на Локалната агенција за развој од Струга, а како нивен партнер се јавува Граѓанската организација „Креативни и активни“, исто така од Струга. Целта е да се подобрат меѓуетничките односи во југозападниот регион преку зајакнување на соработката меѓу граѓанските организации, јавниот и приватниот сектор, вели Катерина Василеска, проектниот менаџер.

„Сакаме сите различни етникуми, различни заедници кои што живеат во регионов да ги споиме и сите заедно да дадат една убава слика за овој регион. Целта на овој проект е да ги споиме луѓето околу убави активности кои што тие ќе ги прават заеднички и на тој начин да чуствуваат еден вид гордост, припадност кон овој прекрасен регион во кој што живееме и да го слават сето она што е убаво тука“ – изјави Василеска.

Како што нагласи Василеска, предвидени се многу различни активности. Дел од нив се: формирање на друштвен клуб Комбинати, мултикултурен фестивал, младинско списание, танцови работилници, музички настани, урбани резиденции и многу други активности. Очекувањата се дека, во тригодишниот период на реализација, овие проектни активности ќе предизвикаат интерес кај граѓаните од сите возрасни и етнички групи да се вклучат и да допринесат нашите заедници да ги направат пријатни и посакувани места за живеење.
И претставничката од Граѓанската организација „Креативни и активни“, Валмира Истрефи, смета дека вклучувањето на сите граѓани во овој проект е клучно за негова успешна реализација, бидејќи парите се само материјално средство, но потребни се луѓето, кои со својата душа и креативност тоа ќе го спроведат. Како приоритет го посочуваат изнаоѓањето решение за проблемот со иселувањето. Истрефи нагласи дека би сакале да го слушнат и мислењето на младите околу тоа како тие сакаат да живеат во регионов, во европски стил.

„Не само што ќе рефлектира на заедничките идеи за урбано живеење преку џез фестивали, преку кулинарски резиденции, преку ред други активности кои ги имаме планирано, ќе се обидеме барем дел од тие приоритети на нашите граѓани да ги опфатиме“ – вели Истрефи.

Инаку, промоцијата на проектот „Декада на припадност – Славење на различностите“, се одржа синоќа, во хотелот Белведере во Охрид. На еден интересен начин, со групни дискусии каде секој учесник можеше да го даде своето мислење на одредена тема, учествуваа 90 учесници, личности од бизнис и јавниот сектор, новинари, невладини организации и уметници од охридско-струшкиот регион. Проектот е финансиран од Европската Унија.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top