Прогласени најхуманите медицински сестри на републичко ниво од Охрид. Годинава наградени се Анета Волканоска од интерно одделение, Менка Цветкоска од анестезија, Даниела Андоновска од Заводот за кардиологија, додека пак Олидија Крстаноска е најхуманата акушерка. Без љубов и пожртвуваност во оваа професија никој не може да опстои, велат од Здружението на медицински сестри од Охрид.
Награди за најдобрите, на денот на медицинските сестри. Утре на нашите најхумани медицински сестри и акушерки од Охрид, во Струмица ќе им бидат врачени награди. Претседателот на здружението на медицински сестри Јулија Трпковска, нагласувајќи ја улогата на медицинската сестра во рамки на здравството, рече, да се направи избор и да се одберат најдобрите медицински сестри е тешка работа, бидејќи секоја една од нив е посветена на својата работа.
„За да бидеш медицинска сестра треба пред се да ја сакаш таа струка, бидејќи здравствената струка подразбира нега на пациентот која што придонесува за побрзо оздравување, превенција и рехабилитација кај пациентот. Без љубов и пожртвуваност никој не може да опстои во оваа струка. Сите сестри се хумани не постои некоја што не е хумана, но бидејќи е недела на медицинските сестри и акушерки како сатисфакција го одбележуваме тој ден со тоа штѕо одбираме најхумани сестри“ – вели Трпковска.
Медицинските сестри без разлика на кое одделение работат, имаат полни раце работа и секогаш делуваат плански. Тие исто така секогаш се на првата линија во комуникацијата меѓу пациентите и докторот, појаснува Трпковска. Но Трпковска вели дека развојот и воведувањето на современи техники и технологии во медицината, влијае и врз медицинскиот персонал.
„Имаме преголем дефицит на медицински сестри. Ние сме преоптеретени со работа и не постои одделение каде што не е потребен медицински кадар, но потребна и доедукација. Не може медицинската сестра да остане само на тоа што го научила. Треба цел живот едукација“
Инаку најдобрите и најхумани сестри Анета Волканоска од интерно одделение, Менка Цветкоска од анестезија, Даниела Андоновска од Заводот за кардиологија, и акушерката Олидија Крстаноска покрај што ќе добијат награди на републичо ниво, подароци и признанија ќе добијат и од охридското здружение, на нивната прославата која ја организираат на локално ниво на 16 мај. Трпковска вели дека пргодни подароци подготвиле и за сестрите кои оствариле 30, 40 и 45 години работен стаж.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град