Привршуваат работите за ентериерно уредување на Куќата на Робевци

Внатрешноста на Куќата на Робевци интензивно се уредува. Работите се при крај. Музејот со овие зафати ќе добие три целосни комплексни поставки и тоа етнолошка, археолошка и уметничка во кои ќе биде изложено вредно културно наследство.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Привршуваат работите за ентериерно уредување на Куќата на Робевци. Овие зафати кои започнаа уште пролетта се во рамките на проектот кој е дел од програмата на Владата за обнова на поставките во музеите низ Република Македонија, а за чија реализација од буџетот на Министерството за култура се издвоени три милиони денари.

Ентериерното уредување е при крај останува уште да се набават потребните витрини и  до крајот на годината треба се да е завршено. Овој музејски простор треба да се отвори со нови поставки кои ќе бидат многу интересни за посетителите и тоа не само за странците туку и за домашните. Голем дел од експонатите сега за прв пат ќе бидат изложени, вели Тања Паскали Бунташеска, директорката на НУ Завод и музеј. 

 
Музејот на Робевци со овие зафати ќе добие три целосни комплексни поставки и тоа етнолошка, археолошка и уметничка во кои ќе биде изложено вредно културно наследство. Исто така, на влезот во објектот ќе биде изведен нов пулт за продажба на влезници и сувенири.
Новата етнолошка поставка за постојано разгледување ќе се ноаоѓа на првиот кат и ќе  содржи вкупно 2200 вредни артефакти. Предметите кои ќе бидат изложени го отсликуваат развојот на старото охридско семејство Робевци, како и начинот на живеењето на градското население во Охрид. На вториот кат ќе се наоѓа Златната соба која содржи вредни археолошки движни предмети кои прикажуваат различни етапи од развојот на охридската област. Меѓу значајните предмети во оваа поставка се и златната маска и златната ракавица од локалитетот Горна Порта, златните обетки гулабици и многу други наоди. На третиот кат во уметничката поставка ќе бидат изложени највредните резби изработени од старите охридски резбари.
Покрај на куќата од Робевци Завод и музеј моментално работи на конзервација на објектот на Коле Котуше која е започната уште во текот на месец јуни, но заради летната сезона беа прекинати активностите, ќе се отпочне со конзервација и на куќата на Димзови, ќе се прави фасада и статичко зајакнување на објектот, во тек е конзервација на живописот на црквата св. Ѓорги во Струга и на Св. Богородица Захумска  во село Трпејца, а се прават и превентивни  зафати на кровот на црквата св. Богородица Захумска.

Континуирано ги работиме предвидените елаборати кои треба да ги изработиме за објектите кои поединечно треба да бидат заштитени, секој момент започнуваме со конзервација на две фасади во струга така да оние активности кои се во тек си продолжуваат и  се оди според планот кој го зацртавме на почетокот на годинава, вели Бунташеска.

Овие проекти треба да бидат завршени до крајот на годината со што ќе биде реализирана програмата којa Завод и музеј уште минатата година ја достави до Министерството за култура кое од својот буџет ги издвои средствата за нејзина реализација.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top