Мотивите на грабнувачите сеуште непознати.
Мотивите на грабнувачите сеуште непознати.
Не се ни открива причината поради која градоначалникот и возачот киднапирањето го пријавиле еден месец подоцна.
СВР Охрид ги приведе лицата за кои постои основано сомнение дека го киднапирале градоначалникот Александар Петрески и неговиот личен возач. Киднапирањето се случило на 21 декември, а од страна на возачот на градоначалникот било пријавено дури вчера попладне.
Од СВР- Охрид не го открија идентитетот на осомничените, само информира дека станува збор за две лица од Охрид на возраст од 32 и 34 години.
Петрески и неговиот возач од дворот на куќата на градоначалникот биле киднапирани на 21 декември, околу 22 часот и 30 минути.
„Грабнувањето било извршено од како претходно еден од осомничените побарал од градоначалникот да му исплати 15. 000 евра. Бидејќи, не ги добил парите, истиот се упатил кон неговиот дом и кога повторно бил одбиен, извадил пиштол со кој го удрил возачот во моментот кога од него бил спречен да тргне кон градоначалникот. Од како возачот паднал на земја, градоначалникот и осомничените влегле во возилото со намера да го однесат во болница, но под закана со огнено оружје, осомничените ги пренеле на периферијата на Охрид. Таму заканувајќи им се по животите испукале во воздух, барајќи да им бидат дадени парите. Вечерта, како што е пријавено, возачот им дал 5. 000 евра, а следниот ден истото го направил и градоначалникот“, информира Стефан Димоски, потпаролот на СВР- Охрид.
Градоначалникот Петрески денес не сакаше да ги открие поединостите околу тоа како се случило грабнувањето.
„Знаат граѓаните дека не се движам со обезбедување, но ова се опасни времиња во кои сите, особено јавните личности се изложени на вакви опасности“, рече градоначалникот Петрески.
Осомничените уште синоќа биле лишени од слобода. По целосното прибирање на потребната документација, против нив ќе биде поднесена и кривична пријава. Се уште не се познати мотивите за киднапирањето- дали станува збор за изнуда или нерасчистени должничко- доверителни односи. Се уште не се открива и зошто градоначалникот и возачот случајот до надлежните го пријавиле дури еден месец подоцна.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град