Пристапни скали се проблем за Центарот за сензорна интеграција на деца со аутизам

Центарот за сензорна интеграција во Охрид после неколку месечниот прекин поради пандемијата повторно работи и им овозможува третман на децата со аутизам. Согласно протоколите изготвени од здравствените власти  создадени се безбедни услови за 60 деца кои во моментов го посетуваат центарот. ОД Здружението за аутизам „Во мојот свет“ кои раководат со центарот се надеваат дека ќе биде решен и проблемот со пристапните скали.  Тие се донација од Општина Охрид која допрва треба да биде реализирана.

 |   | 

Центарот за Рехабилитација, Едукација и Сензорна интеграција наменети за ран третман на деца со Аутизам АДХД и Аспергеров синдром во Охрид по прекинот поради пандемијата со Ковид 19, повторно е отворен и работи веќе еден месец. Обезбедени се услови за доследна примена на наложените протоколи од здравствените власти, вели Весна Стојаноска, потпретседател на Здружението за аутизам „Во мојот свет“ којшто раководи со Центарот. Во моментов се згрижени 60 деца со аутизам, кажува Стојановска.

„Она што беше побарано и она што треба да се има за време на пандемија, го имаме. Одговорно тврдам дека само нашите центри имаат УВ гард апарати за дезинфекција. Голема благодарност до алкалоид кој е голем донатор на дезинфекциони средства за двата центри и во Скопје и во Охрид.  Овој Центар има 30 деца кои се под социјален третман , значи тоа се финансии од бугарската амбасада.  Децата се тука на третман цела година. Можам да кажам дека што се однесува до бесплатните третмани , за тие социјални пакети, почна да се буди свеста и кај бизнис секторот во Охрид . “ – вели Стојановска.

Има случаи каде што општествено одговорни компании од Охрид им го покриваат трошокот на дечиња за годишен третман во Центарот, кажува Стојаноска и посочува дека децата од семејства во социјален ризик се ослободени од плаќање.  Бројот на деца со аутизам рапидно расте во охридскиот Центар, вели Стојановска. Со помош од бугарската влада се реконструираше и целосно се опреми просторот, сега очекуваат уште да се реши пристапот до Центарот , кој е во склоп на Општа Болница Охрид. А тука на потег е општината.

„Мислам дека во моментов нема нешто што недостасува. Единствено најголемиот проблем што се уште го имаме, меѓутоа се надевам дека брзо ќе се реши , еве еден апел до Општина Охрид, ветени ни се скали кои веќе требаше да бидат изведени а имам информација дека тие скали поминаа на седница на Совет. Општината треба да биде донатор на тие скали.  Најголем проблем е бидејќи поминуваме преку детското одделение а тоа е еден навистина сериозен проблем , не само за децата коишто се третираат во нашиот Центар туку и за децата коишто се наоѓаат на детското одделение во болницата.  – вели Стојановска.

Центарот за сензорна интеграција  започна со работа на почетокот од годинава. Капацитетот на Центарот доволен да овозможи грижа и третман на 120 до 150 деца. За децата во центарот се грижат 4 вработени и 11 хонорарци.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top