Пререгистрацијата се врши со пополнување на изјава за остварени приходи во изминатата година. Од подрачното одделение на фондот во Охрид, апелираат осигурениците да не го чекаат последниот ден за да извршат пререгистрација.
Невработените лица и лицата со ниски примања треба да се пререгистрираат во подрачните одделенија на Фондот за здравствено осигурување на Македонија. Сите невработени охриѓани кои во текот на изминатата година не оствариле приходи или пак оствариле приход кој не ја надминува законската рамка, треба лично да ги посетат подрачните одделенија на Фондот и да извршат пререгистрација, а за таа цел потребна им е само лична карта и изјава за остварени приходи која ќе ја добијат на шалтерите во Фондот.
„Во текот на оваа пререгистрација се потребни само пополнување на изјава, на носителот на осигурувањето и во таа изјава се одредени приходи како и претходната година што беа. Со изјавата носителот дава изјава дека нема повеќе приходи од назначените во изјавата, приходи негови и на целото семејство. Износите се слични на ланските, осигурениците без приходи или помали приходи од 96.600 денари. Доколку последните два месеци биле во работен однос, приходите од тие последни два месеци да не се поголеми од 16.100 денари.“-вели раководителот на подрачното одделение на ФЗОМ, Славе Крстаноски.
Крстаноски апелираше до сите осигуреници кои се осигурени на товар на државата да не го чекаат последниот ден за да извршат пререгистрација туку тоа да го направат што побрзо. Тој информираше и за новата можност која им се нуди на фирмите за пријава и одјава на вработени.
„Дадена им е можност да можат електронски да се вршат пријави и одјави на нововработени и на нивни членови. Доволно е да донесат овластување за некој нивен претставник, дали тоа ќе е директорот на фирмата или овластен книговодител, безразлика кој, важно да донесат овластување потпишано од управителот на фирмата, ќе го внесеме ние во систем и тој понатака може да врши пријави и одјави по електронски пат без доаѓање во подрачната служба. Така се заштедува на време, гужви и не се ограничени во работно време да го вршат тоа.“-рече тој.
Крстаноски истакна дека покрај електронската пријава и одјава на вработени, имаат новини и во запишувањето односно пријавувањето и одјавувањето на матични лекари. Тој вели дека осигурениците можат најмногу два пати годишно да извршат промена на својот матичен лекар и тоа само со пријавување кај новиот лекар кој го избрале, а без досегашните процедури во Фондот за здравство. Инаку што се однесува до пререгистрацијата на невработените лица, таа започнува од денес, а рокот за пријавување на шалтерите на Фондот за здравствено осигурување трае до 31 Март 2014 година.
Доколку осигурениците не се пријават во предвидениот рок, тогаш ќе бидат избришани од евиденција и нема да имаат здравствено осигурување за наредниот месец, односно ќе треба одново да се пријавуваат во Фондот, со целокупната потребна документација.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град