Премиерно издание „Охридското востание“ на охриѓанецот Илија Пиперкоски

Со овој документарец, Пиперкоски, ќе и открие малку познати факти за ова значајно македонско-албанско востание кое однело многу жртви токму од нашиот крај.

 |  Мишел Наумоски  | 
Ohridsko vostanie
Охридско востание

Документарниот филм на охриѓанецот, Илија Пиперкоски, „Охридското востание“, во понеделник ќе ја доживее својата телевизиска премиера. Овој филм на охридскиот режисер го обработува малку познатото, дури може да се каже и историски скриеното Охридско востание дигнато со заеднички македонско-албански сили, а против тогаш окупаторските српски сили . За работата на овој документарец, Пиперкоски вели дека било вистинска чест и задоволство, па дури и судбина бидејќи тој како охриѓанец добил можност да открие историски заборавени факти за еден бунт кој се случува во Македонија веднаш по потпишувањето на Букурешкиот мировен договор.

vostanie dokumentarec„Нема фамилија од Охрид која не дала жртви во тоа востание, посебно граѓаните на Охрид ќе видат што се случувало во Велгошти, тука се дадени некои од главните жртви, како одмазда што ја правеле србите. Не сакам да го раскажам целиот документарен филм, вреди да се погледне, навистина е тажна приказна, додека го правев имав една кнедла во грлото па никако не можев да ја голтнам. Сакам да кажам дека можеби сме простиле, но не верувам дека ќе заборавиме вакво нешто и овој документарен филм е посветен и наменет за едноставно луѓето да видат како било пред сто години.“-рече режисерот Илија Пиперкоски.

Од технички аспект, Пиперкоски вели дека работењето на овој филм му било многу лесно бидејќи текстот веќе го имале подготвено директорот на Државниот архив на Македонија, Зоран Тодоровски и Никола Жежов кои добар дел од својата кариера ја посветиле на истражување на Охридското и Тиквешкото востание. Сепак тој вели дека неговиот процес на истражување не одел толку лесно.

Piperkoski Ohridsko vostanie„Кога застанав да копам информации да видам слики, да барам по архива, горе-долу нашиов архив на Македонија ги имав сите можни отворени врати за да дојдам до информации, немаше никаков проблем. Кога застанав да барам во Белград, наидов на затворени врати. Нормално сигурно на денешнава српска политика и е срам од она што било пред 100 години. Ако ги прашате, сигурно ќе ви кажат дека тоа било ослободителна војна, не била окупациона. Навистина тежок филм, тежок за правење, бидејќи морав да барам потомци на луѓе и фамилии кои имале по некој загинат во тоа востание и да будиш спомени, не е баш едноставна работа.“-вели Пиперкоски.

Инаку овој документарец е дел од циклусот на документарни филмови на Пиперкоски посветени на македонската револуционерна борба. Освен него, досега беа промовирани филмовите за Пере Тошев, охридскиот војвода Петар Шанданов, филмот за Тиквешкото востание и последен во низата ќе биде филмот за Христо Матов. Премиерата на документарниот филм „Охридското востание“ на Пиперкоски ќе можете да ја погледнете во понеделник на програмата на јавниот сервис на Македонската радио телевизија со почеток од 17 часот и 45 минути.

{loadposition content9}

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top