Лицитирајќи за приготвените јадења, тие собраа средства за да организираат предновогодишни забави низ цела Македонија за децата со посебни потреби. Велат дека благодарение на настанот во кој беа вклучени и глуви и наглуви жени, тие создаваат еден мост помеѓу овој свет и светот на тишината.
Ѓомлезе, плашица, јагула, и разни други етно специјалитети приготвени за еден хуман гест. Вештите жени од 22 градови од земјава секој од својот крај ги презентираа традиционалните етно јадења, а за кои беше лицитирано. Собраните средства ќе се донираат за децата со посебни потреби токму од овие 22 градови во кои се одржуваше манифестацијата “Етно Вешта жена”. Снежана Стојаноска, претседателка на здружението “Вешта жена на Република Македонија” вели дека семејството е столбот за сите работи, па оттука предновогодишните забави кои тие ќе ги организираат за децата со посебни потреби во сите овие градови и тоа како ќе направат децата да почувствуваат дека се дел од едно големо семејство.
“Не е идејата да ние им однесеме поклони на нив, да ги оставиме во истите простории каде што се наоѓаат, со истите семејства каде што се цело време, туку целиот есенски дел, во дваесет градови во Македонија се одржа Етно Вешта жена, која што има за цел да создаде љубов, поголема и макар еден ден уште посреќен за тие дечиња, а тоа е предновогодишните празници ќе се организира забава која има роденденски карактер, тоа ќе биде роденден на сите тие деца, Дедо Мраз секако ќе биде присутен, два часа вештите жени ќе се дружат со децата.”-вели Снежана Стојановска-претседател на “Вешта жена на Р.М”.
Стојановска вели дека со настанот кој тие го организираа, а на кој беа презентирани сите етно специјалитети подготвени од вештите жени тие всушност прават три хумани дела.
“Едниот хуман дел е што ќе направиме забава за тие дечиња каде што беше етно вешта жена, другиот хуман потег е што ги составуваш луѓето од 22 града, жените не се познаваат, и третиот хуман дел е што во овој хотел кој ние редовно го поддржуваме создаваме еден мост помеѓу светот на тишината и сите оние жени кои сепак функционираат на еден поинаков начин, не случајно и во нашите активности учествуваат и жени глуви и наглуви, учествуваат и слепи, значи семејството сепак го држи жената.”-рече таа.
Дел од овој интересен настан беа и глувите и наглуви жени од Охрид за кои овој настан, според Стојановска претставува еден мост помеѓу овој и светот на тишината. Таа додава дека една од поентите на оваа манифестација е да се покаже дека жената е столбот на семејството. Инаку приготвените јадења од вештите жени од Охрид, Струга и Кичево, а изложени на настанот, заедно со јадењата приготвени во останатите градови ќе станат дел од книгата “Етно Вешта жена” за 2015та година.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град