Предизборието за премиерот е сензитивен период за да се решава за Али Пашината џамија

Премиерот Заев денеска во Охрид потврди дека за изградба на минарето нема одобрение за градба. Иако без одобрение секаква градежна активност е незаконска, судбината на џамијата и 32 метарското минаре ќе се решава на средба во владата помеѓу засегнатите страни.

 |   | 

Решение за нелегалните градежни активности на Али Пашината џамија  ќе се бара после изборите. Премиерот Зоран Заев денеска од Охрид, уште еднаш порача дека законите во државата треба да се почитуваат, но додаде дека решенијата за ваквите проблеми како спорната реконструкција на џамијата и изградбата на 32 метарското минаре треба да се бараат со меѓусебна почит и разбирање во рамките на религиската разноликост како богатство.

„Знаете дека одржав средба со здружението Совест, одржав средба и со Дирекцијата на вакуфите што е одговорна за изградбата. Точно е дека постои Конзерваторско решение за конзервација и реставрација како и што е точно дека нема одобрение за градба.  Сензитивен период е, доаѓаат избори, Охрид е пример за соживот и  на меѓурелигиското разбирање. Одлучивме ова прашање заедно да го разгледаме, на заеднички состанок во Владата после 5ти мај и да го изнајдеме решението.“ – изјави премиерот.

За разлика од премиерот, реставрацијата на Али Пашината џамија во Охрид и изградбата на 32метарското минаре за Исламската верска заедница е завршена работа. Пред три дена од Исламската верска заедница во медиумите излегоа со став дека компромис за стопирање на изградбата нема да дозволат.  Градежните работи се во тек и нема да престанат, најавија од ИВЗ. Премиерот пак, е убеден дека градежните активности се запрени.

„После состанокот кој што го одржавме сопрена е изградбата на минарето, таму до каде што е стигнато. И тоа го правиме со редовни контроли. Тоа се и цивилни контроли од Владата и од мојот кабинет. Сопрено е минарето да се гради. Во моментот знам дека можно е да се прочистуваат каналите околу самиот објект што спаѓа во одржување на самиот објект. Сите верувам дека ќе ги испочитуваат своите ветувања и дадениот збор за да можеме во духот на Охрид и ова наше богатство да го најдеме решението на овој проблем,“– кажа Заев.

Премиерот не прецизира на кого треба на збор да му се верува дека нема да продолжи незаконското градење. Институцијата која е најповикана да стопира секакви нелегални активности на џамијата Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам ниту постави жолта лента околу објектот ниту излезе во јавност со информација за активностите кои ги презема согласно закон во врска со Али Пашината џамија. Од граѓанското здружение Совест си стојат на ставот дека доколку  институциите не постапат според законот и доколку продолжат градежни активности на објектот веднаш ќе биде активиран најавениот протест.

За случајот со Али пашината џамија постапка се води во Основното јавно обвинителство Охрид, кое поднесе кривични пријави против повеќе физички и правни лица кои се товарат дека спротивно на законот и без да обезбедат соодветно одобрение за градба од Министерството за транспорт и врски отпочнале активности на објектот.  

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top