Тодорова сабота е првата сабота од великиот пост, а покрај големото значење во православието, за овој празник се врзани и бројни народни обичаи.
Православните христијани денес го слават големиот празник посветен на светиот великомаченик Теодор Тирон меѓу народот познат како „Тодорова сабота“. Првата сабота од великиот пост во очи столбот на православието, Велигден, денот на христовото воскресение е посветена токму на маченикот Теодор односно чудото кое Бог одлучил преку него да го направи. Отец Димче Азески, од црквата Св.Богородица Каменско, раскажа за историските околности кои вели дека го потврдуваат настанот кој денес се празнува. Имено царот Јулијан Отстапникот сакајќи да ги спречи верниците да се причестат, наредил сета храна по пазарите да се попрска со крвта од жртвите кои се принесувале на римските идоли.
„Бог секогаш грижејќи се за своето стадо, за своите верници, го испратил светиот маченик Теодор Тирон кај претстојателот односно епископот на тој град за да го предупреди дека саботата која што следи храната која ќе биде по пазарите ќе биде осквернета, односно претходно принесена на незнабожечките богови. Патријархот поучен од светиот маченик Теодор Тирон, ги предупредил верниците, а во замена за храна оние кои што немале им укажал повторно по совет на светиот маченик Теодор Тирон да сварат пченица и со сварената пченица да се хранат оние луѓе кои за тој ден немале храна.“-вели отец Димче Азески.
А еве само дел од обичаите кои народот со векови наназад ги практикувал за време на тодорова сабота.
„Враќајќи се наназад се сеќавам на спомените што ги имам од таа „Тодорова сабота“, денеска се одеше по црквите со пченка, па се фрлаше преку црква, кој ќе фати пченка ќе си го сонува младиот, младенката, па ние како деца стававме торбина со жените што даваа таму за здравје лепчиња, торбина со пепел, за кога ќе однесат да се истребат сите лоши работи, но кога ги стававме тие торбина гледавме да не почувствува човекот, неусетно да си го однесе дома.“
„Јас како дете, од битолските села сум, таму пченка се вареше и се фрлаше преку храмот, преку црквата, зошто беше не можам да знам, ама сигурно било за добро, сите адети христијански кои се прават, сите се добронамерни.“
„Секогаш да го дочекаме овој ден, многу е убав, богат со сонце, со здравје, со среќа, господ само среќа и здравје да дава на народот и мир.“
„Многу работи, пченка се вареше, по цркви се одеше, се и сешто. Убави работи.“-рекоа дел од верниците.
За празникот Тодорова сабота се поврзани повеќе верувања и обичаи. На пример, во Дебарца, спроти празникот, девојчињата изведувале интересен обичај со цел да научат да везат. Тие дома подготвувале ќесиња направени од крпчиња и потоа ги полнеле со пепел. Вечерта спроти празникот, додека биле воцрквата, ќесето го закачувале на појасот на некоја жена која била позната како добра везилка. Жените кои вака ќе собереле повеќе ќесиња, на враќање од црквата кон дома, ги фрлале ќесињата во реката со зборовите: „Како што брза водата, така и девојчињата да научат да везат“. Во нашите краишта според писанијата на Кузман Шапкарев во селата се носеле обредни лепчиња наречени тодоречка погача од горната страна украсени со волови, плуг, коњи. Во црквата пак лебот се става во чинија врз која има варена пченица и пченка и бидејќи лебот на средината има дупка низ неа се забодува свеќа која се запалува. По молитвата свеќата се гасне и се чува цела година за здравје.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град