„Power to the People“

Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ и Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. ве канат на завршен настан во рамки на проектот Power to the People, финансиски поддржан од Фондацијата Хајнрих Бел.

 |   | 

Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ и Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. ве канат на завршен настан во рамки на проектот Power to the People, финансиски поддржан од Фондацијата Хајнрих Бел.

Настанот кој е од отворен карактер и на кој може да присуствуваат сите заинтересирани, ќе се одржи во х. Порта, Аеродром, Скопје во времетраење 11.30-15.00 ч. на 26 октомври 2019 г. (сабота).

На настанот ќе се промовира Прирачник за правна самопомош и активизам во област животна средина кој е, пред сѐ, наменет за млади активисти и почетници. Преку говорите на Гоце Коцевски, Македонско здружение на млади правници и Благоја Пандовски, адвокат, на присутните ќе им понудиме едноставен патоказ низ навидум бескрајните и темни институционални лавиринти, ќе ги охрабриме да делуваат, дури и индивидуално, и ќе им докажеме дека не се немоќни. Секој од нас има огромна моќ, а македонскиот устав и законите ги гарантираат сите наши права. Сѐ што треба е да бидеме искрени, истрајни, добро да си ги знаеме правата и секако, несебично да работиме за општо добро.

Во вториот дел од настанот ќе може да се чујат инспиративни говори на активисти, како на пример Владимир Трајановски – Охрид ЅОЅ, Горјан Јовановски – автор на апликацијата „Мој воздух“, Иво Босилков – основач на Fridays for Future Скопје, Лазар Ѓуров, Божидар Јововиќ.

Секогаш кога ви пречи што немате соодветен јавен превоз, секогаш кога ви пречи што ја давате половина плата на сметката за струја во земја со 280 сончеви денови, секогаш кога ви пречи што во училниците немате парно во зима, секогаш кога ви пречи што не можете да напредувате на работното место зашто немате партиска книшка, секогаш кога ви пречи што немате шанси за стипендија зашто не сте во подмладокот на владејачката партија, секогаш кога ви пречи што се плашите да отидете на доктор на државно, секогаш кога ви пречи што се гушите во отров, пливате во измет и се давите во отпад, вас и тоа како ве интересира политика, само што центрите на моќ успеале во својата цел тотално да ве оддалечат од вистинскиот корен на проблемот и да создадат делузија дека политиката е нешто што не опфаќа ништо од сево горенаведено.

Целта на политичките елити им е да ве направат беспомошни и зависни од нив, да ве закотват во пасивност во која вие сте убедени дека не можете да постигнете ништо. А тоа не е вистина!

Солидарноста, сплотеноста и искрената намера за подобро општество се рецептот за излегување од маѓепсаниот круг во кој сме заглавени со децении. Секој од нас има моќ да менува, дојдете, придружете ни се и бидете дел од позитивната промена на македонското општество!

Со почит,
Активисти на граѓанска иницијатива Охрид ЅОЅ
Здружение за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top