Повторно големи ветувања за решавање на проблемот со поставување на урбаната опрема во градов за претстојната летна туристичка сезона. Минатата година, иако беше донесен Правилник за поставување на урбана опрема, изгласан од охридските советници, а поделбата на локации се одвиваше за прв пат преку лицитација, сепак, по охридската чаршија, кејот и шеталиштето се тргуваше на големо, се тргуваше нелегално. На последната одржана седница на Советот, одржана на крајот на месец февруари годинава, беше донесена годишната програма за поставување урбана опрема, а овој пат и првиот човек на градов, градоначалникот Александар Петрески со цврст став, нема да замиже ни пред социјалниот момент поради кој охриѓани се приморани да продаваат се и сешто за време на туристичката сезона.
„Јас упатил апел и преку вашата Телевизија, воопшто нека не ме бараат, да нема ургенции, Охрид мора да личи онака како што треба“, потенцира охридскиот градоначалник.
На утрешната седница, на предлог на советничката група ВМРО-Народна, поставена е точка на дневниот ред за измени и дополнувања на програмата за поставување на урбана опрема. Се тоа со цел, да се предвидат локациите за поставување урбана опрема согласно законот. Така, градоначалникот изјави дека годинава ќе биде дозволено единствено да се постават тезги, на кои ќе се продаваат книги и уметнички предмети. Фрижидери со сладолед ќе има, но само на кејот и на плажите, никако пред продавниците за продажба на колонијални стоки. Можно е изнаоѓање решение за продажба на печени пченки и костени, но само доколку се изнајде хигиенски соодветен и секако затворен простор за таа намена. „Што се однесува до старите должници по основ поставување на урбаната опрема, оваа година за нив милост нема да има“, вели Петрески.
„Масите и столовите кои се вишок поставени не треба ни да помислат да ги ставаат оваа година, а исто така и оние кои минатат година немаат платено, а имаат извадено дозволи, ќе бидат оптужени, а маси и столови воопшто нема да им биде дозволено да постават“, вели Петрески.
Деновите до новата летна туристичка сезона на големо се ситнат. Минатата година Охрид како посакувана туристичка дестинација потфрли, не само во понудата, туку и во изгледот. Панаѓурскиот „look“ не изостана, а инспекциските служби останаа немоќни да се справат со појавата на инстант тезги, продавачи, а богами и секаква-некаква стока. Останува да видиме, дали ветувањата на првиот човек на градов, како и измените и дополнувања на програмата за поставување на урбана опрема, ќе бидат доволни за да се стави крај на грдата слика со која повторно и повторно секоја година се среќаваме.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град