Повторно труење на кучиња во стариот дел на градов. Од расфрланиот отров настрада едно домашно милениче и едно бездомно куче. Труењето на бездомните кучиња колку што е опасно за самите кучиња опасно е и за човекот и околината. Инспекциските служби и овој пат молчат.
Викендов повторно труење на кучиња во стариот дел на градов. Од расфрланиот отров настрада едно домашно милениче и едно бездомно куче. ЗА среќа со брза интервенција на активистите за заштита на животните и ветеринар беа спасени. Оваа појава во Варош е толку зачесетена што мештаните стравуваат да ги шетаат своите миленичиња. Крајно изреволтирани велат инспекторите конечно да преземат некакви мерки. Труењето на бездомните кучиња колку што е опасно за самите кучиња опасно е и за човекот и околината.
Она што е алармантно е што институциите не ја сфаќаат сериозно оваа проблематика. Не знам што треба да се случи за да почнат да реагираат. Дали треба да има некоја човечка жртва, да настрада некое дете или пак некој од нас волонтерите бидејќи сакајќи да им помогнеме на кучињата можеме ние да се затруеме, за да се вразумат и да го решат овој проблем како што доликува за една цивилизирана земја, вели Климент Арнаудов, активист за заштита на животни.
Кај инспекциските служби молк. Секој ја префрла топката на друга страна и сами незнаејќи кои се нивните надлежности. Од Државниот ветеринарен инспекторат велат дека во вакви случаи нивните инспектори поднесуваат пријави против непознат сторител.
Исходите од претходно ни даваат до знаење дека инспекторите ќе дојдат на терен, ќе направат пријави и записници кои повторно ќе завршат во нечија фиока и нема никаков исход, вели Арнаудов.
Активистите и љубителите на кучиња алармираат дека пестицидите кои најчесто се користат за ова нехумано постапување со кучињата, а кои многу лесно и сосема легално можат да се набават во земјоделските аптеки се исклучително опасни и за човекот, и за околината. Труењето најчесто се врши со Ланате, високо токсичен отров. Едно од решенијата е да се контролира продажбата и слободниот оптек на тие хемиски препарати, пестициди кои што најчесто се употребуваат, а се подметнуваат во храната на животните.
Нема контрола во тој дел. Фитосанитарниот инспекторат затајува во тој дел. Земјоделските аптеки си продаваат најверојатно од под тезга. За продажба на Ланате се построги прописите при купувањето, но останатите полесни препарати може секој да ги купи, вели Арнаудов.
Од земјоделските аптеки велат дека тие не се законски обврзани да земаат посебни податоци кому го продаваат препаратот, па сега за сега се е оставено на совеста на купувачите како и за што ќе го користат.
Инаку во новата законска регулатива која се однесува на заштита на животните, а донесена во 2014та година, во прекршочните одредби на законот стојат казни од 3000 евра за физичко и 6000 евра за правно лице доколку постапува нехумано со бездомните животни, односно ги труе и убива.
За да се реши проблемот со кучињата скитници, а и со ваквиот нехуман начин на решавање на овај проблем мора синхронизирано да делуваат Локална самоуправа, ветеринарниот инспекторат, комуналниот инспекторат, инспекторатот за животна средина, МВР. Без тоа само тапкаме во место и проблемот се зголемува, тврди Арнаудов.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град