Повторно на површина исплива проблемот што Охрид нема марина. Сопствениците на бродовите и едрилиците кои ги има во се поголем број денес одржаа состанок во Охридската капетанија на кој беше истакнат проблемот со немање простор за усидрување на пловилата. Капетанот на Охридската капетанија рече дека Министерството за транспорт и врски добро е запознаено со проблемот и дека има интерес за да се направи долго најавуваната марина.
Охрид има идеални услови за развој на наутичкиот туризам и се поголем е бројот на граѓани кои набавуваат пловни објекти, но тие нема каде да се усидрат. Немањето марина повторно актуелна тема откога во градов се зголеми бројот на едрилици кои нема каде да се сместат. Во моментов има десет, а набавени се уште десет вакви пловила за кои нема место на градското пристаниште кое во моментов е најсоодветно место за нивно усидрување. Затоа денес се одржа состанок помеѓу капетанија, здружение на бродари и здружението за спортско едрење Акватика Јахтинг и сопственици на приватни едрилици на кој беа истакнати проблемите со кои се соочуваат.
Едрењето како олимписки и како еколошки спорт и Охридското езеро како најнеискористен терен за овој спорт се трудиме да го возобновиме на радост на сите и се поголем е интересот за набавка на едрилици како од охриѓани така и од други љубители на овој спорт, но мора да ги подобриме условите, вели Стефан Ставрев од здружението за спортско едрење Акватика Јахтинг.
Немањето марина е проблем и за бродарите. Тие своите пловила во зимскиот период ги усидруваат на градското пристаниште кое сега е претесно да ги собере сите.
Група граѓани и сопственици на едрилици до капетанија денеска доставија неколку барања. Дефинирање на внатрешниот простор на пристаништето за паркирање на комерцијални бродови и едрилици во однос 40-60, регулирање на користење на пристаништето за паркирање и начин на плаќање, изработка на физибилити студија за урбанистичко решавање на брегот на езерото, итно проширување на градското пристаниште, малите пристаништа и каналот Студенчишта.
Од Охридската капетанија ги подржуваат овие заложби на сопствениците на пловните објекти и прават напори да се започнат сериозни активности околу изградбата на марина.
Сите ние сме едногласни дека надоградбата на охридското пристаниште е една голема неминовност. Треба да се направат два краци кои би го заокружиле како целина и би го направиле функционално. Треба да се направи и чистење и проширување на каналот каде би се сместиле пловните објекти во зимскиот период и со тоа би се растеретило пристаништето, вели Горан Устијаноски-капетан во Охридска капетанија.
Министерството за Транспорт и врски добро е запознаено со овој проблем и има слух за негово решавање, вели Устијаноски. Тој смета дека за брзо време ќе се направи физибилити студија и ќе се започне со реализација на овој проект.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град