Пациентите веќе еден месец се препраќаат во Скопје. Менаџментот на болницата веднаш реагирал до ресорното министерството и започната е постапка за набавка на потребните делови. Специјалната болница за кардиоваскуларни заболувања во Охрид, која е втора по големина после скопската, поради обемот на работа има реална потреба од уште еден ангиограф.
Повторно не работи ангиографот во Специјалната болница за кардиоваскуларни заболувања во Охрид. Пациентите се жалат, повеќе од еден месец за интервенции се препраќаат на клиниката за Кардиологија во Скопје. Овој апарат се користи за третман на пациенти со акутен инфаркт и за стентирање.
Раководството на болницата појаснува дека веднаш започнала постапка за промена на старите дотраени делови од медицинскиот апарат.Од таму уверуваат дека наскоро ангиографот повторно ќе биде во функција за потребите на бројните пациенти.
„Во моментот ние се соочуваме со проблем поради дефект на ангиографот. Морам да кажам дека експресно е реагирнао до министарството за здравство и благодарение на агилноста на министерството веднаш е започната постапка за набавка ан деловите. Таа е завршена очекуваме ангиграфот да биде во најбрз можен рок ставен повторно во функција. Морам да кажам дека благовремено во координација и комуникација со сите здравствени иснтитуции за третман на акутен миокарден инфаркт се известени и во моментов додека не работи ангиографот пациентите се згрижуваат на Кардиологија клиника Скопје“ , вели Елена Коваческа Башуроска директор на Специјалната болница за кардиоваскуларни заболувања во Охрид.
Ангиографот работи со полна пареа, поради неговата максимална искористеност, тој имаше дефект и лани. Од болницата самостојно издвоија стотици илјади евра за неговата поправка и враќање во функција.
„Не се работи за негрижа од наша страна тоа се проблеми за еден ангиограф, кој веќе работи десет години и тука морам да напоменам постојаното континуирано зголемување на бројката на пациенти кои што се згрижуваат и имаат потреба од дијагностички интервентни процедури. Тука се работи за истрошеност на апаратот и реална потреба за промена на делови и скапи сервисирања посекако“, додава Башуроска.
Честите дефекти ја отвораат потребата за набавка на уште еден понов ангиограф, апарат кој чини речиси милион евра.
„Има реална потреба од постоење на уште еден ангиограф и ние значи очекуваме а и министерството за здравство веќе работи на тоа да во новиот објект функционираат две нови сали и два ангиографи со што воие проблеми посекако ќе бидат надминати“, додава Башуроска.
Петнаесетина итни случаи изминатиов месец само од болницата за кардиоваскуларни заболувања се препратени на третман во Скопје. Има уште многу пациенти од другите здравствени установи од регионот Струга, Битола,Кичево, Ресен Дебар и Дебарца, кои во зависност од итноста се принудени да патуваат во Скопје. Оние со закажани термини за интервенции се известени дека нивната интервенција се одлагa.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град