Постојано се зголeмува количината медицински отпад во земјава.
Расте бројот на приватните здравствени установи, но расте и количината на опасен медицински отпад. Според доставените податоци од здравствените институции во Република Македонија количината на пријавениот создаден медицински отпад во 2015 година изнесувала 704,61 тони. Постојано се зголемува медицинскиот отпад што се создава во медицинските и во здравствените институции, болниците, поликлиниките, амбулантите, забните и ветеринарните ординации од употребените средства и материјали при дијагностицирање, лекување, третман и превенција на болестите кај луѓето и кај животните.
Управувањето со опасниот медицински отпад да се подобри, а исто така и сепарацијата на различните видови на медицинскиот отпад, но и системот за собирање, транспорт, третман и финалното отстранување на медицинскиот отпад од сите здравствени установи во Република Македонија, стои во препораката на Годишниот извештај за 2015 за Квалитетот на животната средина во Република Македонија.
Количината на создадениот отпад во последниве 6 години постепено се зголемила. Во 2010 година таа изнесувале 195,6 тони, а во 2015 година 704,61 тони медицински отпад.
Во годишниот извештај за 2015 година е прикажано дека за понатамошно постапување со медицински отпад, односно количината на медицински отпад предаден на други лица изнесува 692 тони, а останатата количина од 11,87 тони автоматски се третира како течен отпад и 0,13 тони е пријавен отпад кој што е закопан. Од тоа може да се заклучи дека во Република Македонија, медицинскиот отпад кој е предаден на други лица според доставените извештаи е соодветно третиран и не претставува директна опасност по животната средина и луѓето.
Исто така, треба да се нагласи дека прикажаните количини на отпад не претставуваат и вкупни количини на создаден медицински отпад на ниво на Република Македонија, стои во годишниот извештај за 2015 година.
Според законската регулатива, во областа на управување со медицински отпад, здравствените институции кои создаваат ваков отпад се обврзани да доставуваат еднаш годишно извештај за постапување со отпадот до Министерството за животна средина и просторно планирање.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град