Колку буџетот на граѓаните може да ги издржи овие зголемени трошоци? Дали празничните трпези ќе бидат побогати или посиромашни, веројатно најмалку зависи од нас самите. Секој си ги пушта нозете колку што е долга чергата, но народот рекол ако се троши, за убаво нека е.
Градскиот пазар е раздвижен со граѓани кои шетаат од тезга до тезга и ги споредуваат цените на костените, бонбоните, овошјето и зеленчукот, во обид да купат поевтино намирници за прослава на Бадник и Божиќ. Купувачите забележуваат дека цените на производите по некое непишано правило во очи на празник растат.
Па така, килограм костени чини околу 120 денари, мандарините чинат околу шеесетина, портокалите 3 килограми за 100, краставиците од 100 до 120 денари. Ги запрашавме граѓаните дали ќе потрошат нешто повеќе во очи Божиќ.
„Ако имаш, ќе потрошиш, фала на Бога ќе потрошиме колку што имаме. Важно овошје, нешто малку мевце, сарма и тоа е.“
„Нешто мевце, овошје, тие работи. Повеќе не може, колку што стига џебот, тоа е.“-велат дел од купувачите.
Продавачите на пазарот пак, се жалат на конкуренцијата од големите маркети, но велат дека колку што можат си ја бараат заработувачката.
„Мрда малце, луѓето земаат нешто, мандаринче, банани, ама не е тоа-тоа.“-рекоа продавачите.
Менито е традиционално, за Бадник ќе се подготвува посна трпеза, гравче, посна сарма, риба, погача, костени, ореви и овошје. Бадник не може да се замисли без традиционалното бадниково гранче, и него го има на секое ќоше во пазарот. Иако ги продаваат ефтино, продавачите велат дека финансиската моќ на граѓаните е мала.
„По десет денари, но слабо е. Пак размислуваат дали да купат или да не купат, но се принудени да купат за денот. Ние моментално ги збираме од планина, ги збираме да извадиме некој денар, егзистенција. Одвај чекаме да дојде некој празник, да извадиме некој денар, и ние славиме, сите славиме.“-ни рече продавачот на бадникови гранчиња.
За Христовото раѓање, Божиќ, пак ќе треба малку повеќе да се одврзи ќесето. Кој може да си дозволи ќе се мрси со печено прасе или јагнешко. Но празничната атмосфера секого ќе го натера да постави што побогата трпеза. Еве што најмногу купуваат охриѓани.
„Најмногу купуваат свинско месо, нормално и пилешко. За пача нормално ноџиња, коленца суви, се трошат, доста се трошат.“-вели Оливер Костески од месарата „МИК Свети Николе.“
Јануари е месец богат со празници. За Нова година, Бадник и Божиќ се троши третина ако не и цел домашен буџет и тоа во првите денови од месецот. Па со она малку што ќе преостане, февруари некако ни се гледа многу далеку. Но, граѓаните велат, само за арно да се троши и весело да се прослават празниците.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град