Поради административни пречки доцни изградбата на новата болница во Струга

Поради административни пречки доцни изградбата на новата болница во Струга. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека тие се надминати, постапката е во тек и веднаш кога општината ќе го одобри планот ќе се започне со проектирање на новата општа болница.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Доцнат работите околу изградбата на новата болница во Струга. Министерот за здравство Венко Филипче уште пред една година најави дека болницата ќе се гради на државно земјиште, од десната страна на магистралниот пат Струга – Ќафасан. Но, засега нема никакви градежни работи на терен.
Тоа што административно ни ја успори постапката беше што имаше мораториум за градба. Со оглед на тоа што локацијата беше надвор од централното градско подрачје на патот за Ќафасан, во интензивна соработка со градоначалникот Мерко се направи административно изземање од тој мораториум за градење и сега документацијата е во Министерството за транспорт и врски кое дефинитивно ќе се врати во општината за да се одобри планот, рече Министерот за здравство Венко Филипче.

Веднаш кога општината ќе го одобри планот ќе се започне со проектирање на таа нова општа болница во Струга, објаснува Филипче. Во однос на финансирањето рече дека има две опции, јавно-приватно партнерство и финансии од Светска банка и класично задолжување. Околу наводните преговори со потенцијални партнери кои би ја изградиле болницата, а во замена да го добијат земјиштето на сегашната болница министерот не сакаше да коментира.
Инаку зградата на сегашната болница во Струга е стара пет децении. И покрај реконструкциите што се правени таа е стара и нефункционална. И покрај тоа опслужува повеќе од 150.000 пациенти годишно и во неа се лекуваат и пациенти од други градови но и од соседна Албанија. Во болницата работат речиси 300 вработени, од кои 46 се лекари-специјалисти, а 18 доктори по медицина.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top