Поповиќ: Корона кризата нема да го намали квалитетот на Фестивалот Охридско лето

Националната установа „Охридско лето“ е пред реализација на најзначајниот фестивал во државата кој годинава слави 60 години од неговото постоење. Ова јубилејно издание ќе се одржува според протоколите предвидени со моменталната состојба предизвикана од Пандемијата Ковид 19 и препораките кои ги даде Комисијата за заразни болести. Целосно и професионално сме ангажирани Фестивалот да помине во беспрекорна реализација со содржини кои успешно ќе ја надградат успешната културна приказна на Охридско лето изминативе 60 години, порачува директорката Наташа Поповиќ.

 |   | 

На 4 август ќе биде отворено  годинешното јубилејно издание на Фестивалот Охридско лето кога фестивалот го одбележува својот 60 ти роденден. Подготовките се во тек, се адаптираат сцените и гледалиштата според новите протоколи, се прават финалните преговори со уметниците поврзани со условите на новонастанатата состојба со Корона вирусот, се привршуваат сите техничко организациски активности за успешна реализација на Фестивалот, информира директорката на националната установа, Наташа Поповиќ.

„Благодарни сме што надлежните сепак најдоа решение за одржување на културните збиднувања со што и годинава, по 60-ти пат, ќе блесне сцената на врвните уметнички вредности на класичната музика и театарот. Реализацијата на Фестивалот „Охридско лето“- 2020 ќе биде според протоколот за одржување културни настани и почитување на мерките за заштита од коронавирусот КОВИД-19. Како Национална установа за нас најголем приоритет е грижата за јавното здравје водејќи сметка за безбедноста на нашата верна публика и врвните уметници кои ќе бидат дел од годинешново издание. “- вели директорката на Охридско лето, Поповиќ.

Продажбата на билети ќе се одвива он лајн, а посетителите кои ќе доаѓаат на настаните треба да носат заштитни маски. На сцените каде ќе се одржуваат настаните ќе се постават средства за дезинфекција. Исто така, од националната установа Охридско лето ќе се погрижат да се организираа седењето на гледалиштата на начин што ќе овозможи одржување на социјална дистанца од два метри, како за публиката така и за уметниците.

Корона кризата можеби ќе го смени начинот на реализација на настаните, можеби ќе има ограничен број на посетители, намален број на концерти и претстави но никако нема да влијае врз квалитетот на она што ќе го понудиме, вели директорката Поповиќ. Од Охридско лето најавуваат и поголем број на онлајн концерти, настани кои љубителите на уметноста ќе можат да ги следат преку лајв-стриминг.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top