Екологистите предупредуваат, почитувањето на еко стандардите мора да биде приоритет при нивното поставување.
Нов оглас, со нови обврски. Уште неколку дена до распишување на новиот оглас за краткотраен закуп на охридските плажи, а заинтересираните се соочуваат со најавата за доплнителната обврска, поставување на мини пристаништа, на пет охридски плажи. Од потенцијалните концесионери, сега за сега молк.
Повеќето од поранешните закупци на плажите, на кои според акциониот план на МТВ треба да се постават понтонските пристаништа, не сакаат да коментираат се додека не се знаат условите во огласите за давање на плажите под краткотраен закуп, кои пак треба да се распишат до крајот на овој месец.
Според акциониот план на Министерството за транспорт и врски, обврска на концесионерот е да го постави ова понтонско пристаниште и по завршувањето на концесијата, плажата да ја врати во првобитната состојба што значи и да го демонтира истото. Овие мини пристаништа, треба да бидат соодветно осветлени и опремени со мост за приод, гумени одбојници и скала за качување од вода, како и можност за поставување на пумпа за точење на гориво. Токму овој момент го привлече вниманието на екологистите. Дејан Паноски, од Министерството за животна средина и просторно планирање вели дека овој план е можно да се реализира, но само со почитување на максималните еколошки стандарди кои придонесуваат да се изземе и најмал можен ризик по загадувањето на животната средина, а можноста што се дава на самите нив да се изградат и мини станици за точење на гориво ќе биде токму тоа.
„Затоа тоа што е дадено како можност при овој акционен план, подобро да остане како можност и да не се реализира, за да не се доведе во опасност езерскиот еко-систем од невнимание или намерно, бидејќи нашата еколошка свест сеуште, не е развиена дотолку, да се случи некоја хаварија на тие системи, која ќе предизвика негативни последици врз езерскиот систем“ категоричен е Паноски.
Концентрацијата на пловни објекти на тој простор претставува уште една опасност од еколошка гледна точка, со оглед на тоа што праксата не ни оди во прилог, бидејќи се почесто сме сведоци на палење на пловни објекти и излевање на нафта и деривати во водите на езерото. Како можно решение еколозите го нудат користењето на електрична енергија за сите пловни објекти или користењето на био-разградиви горива.
Како и да е, останува да ги почекаме условите кои ќе бидат наведени во огласите за давање на плажите под краткотраен закуп, и да видиме дали Министерството за транспорт ќе понуди решение на еден проблем, или ќе отвори нов, дополнителен.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град