Поефтини гробарината!

Ваква одлука падна на последната седница на Советот на општина Охрид. Првите сметки со новата цена ќе пристигнат на крајот од 2012 година.

 |  Мишел Наумоски  | 
grobishta
Гробишта

grobishtaНадоместокот за гробарина доби нова цена! За среќа пониска од претходната. Ако за изминатата 2011 година добивте сметки во висина од 1200 денари годишно, според новата цена тие ќе изнесуваат 720 денари по гробно место. Ваква одлука падна на последната седница на Советот на општина Охрид. Претходната одлука да се плаќаат 1200 денари годишно, ги шокираше граѓаните и предизвика бурни реакции буквално насекаде. Советниците од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека граѓаните едноставно не добиваат услуга која навистина чини 1200 денари. Од ДПМНЕ сметаат дека цената на гробарината не би требало да биде повисока од 200 денари по гробно место.

„Сметаме дека е прво висока и сеуште постојат механизми како таа да биде пониска во смисла на помало отповарување на граѓаните како давачка како прво и како второ е несразмерна на онаа од 2011 од 1200 денари значи се јавува еден проблем, една дискрепанца помеѓу цени за две години кои навистина оставаат сомнеж што всушност е вистинската реалната цена и зошто пред се во 2011 година на граѓаните им се земени тие 1200 денари кога очигледно цената може да оди и подолу.“-рече Дејан Паноски-Координатор на советничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

grobishtaКоординаторот на советничката група на СДСМ, Томислав Тунтев пак смета дека претпријатието мора да изврши порамнување на сметките на сите граѓани кои ја платиле сметката од 1200 денари. Тој предложи сметките за 2012 година да бидат намалени за разликата помеѓу старата и новата цена.
„Јас ова не го зборувам напамет, прашањето на граѓаните кои ги уплатија сметките е логично, замислете сега ние носиме одлука на 720 денари, за 2012 ќе им бидат сметките 720 денари, а зошто тие платиле за 2011, 1200 денари? Затоа ние се состанавме и донесовме заклучок да се корегира цената на гробарината и да се изврши порамнување односно да се одбие разликата на граѓаните кои веќе ги платиле сметките.“-вели Тунтев.

Сепак ваквата опција не е возможна според координаторот на јавното претпријатие „Градски гробишта“-Охрид, Драган Пандески. Тој напомена дека со новата цена од 720 денари која ќе важи за наредните сметки, претпријатието ќе прибере околу 3.500.000 денари односно половина од нивните трошоци за одржување на гробните места. Остатокот, ќе им биде надоместен од општината.
„Врз основа на таа одлука дистрибуирани се сите сметки на граѓаните и за тие сметки, за таа сума платен е ДДВ према тоа, 2011 година е свршен чин, тука мислам дека нема што да дискутираме, што да бараме, согласно одлуката на советот дистрибуирани се сметките, голем дел на граѓани имаат платено и 2011 е завршена. Сега со овој предлог што го даваме, со 720 денари за едно гробно место, 1200 за две, и 1500 за три и повеќе гробни места. Ова е нова цена која што ќе важи за оваа година и за во наредниот период. Не можеме да правиме корекции помеѓу минатата година и оваа година.“-изјави Драган Пандески-Координатор на ЈП „Градски гробишта“-Охрид

Сепак после сите реакции и промени кои се случија околу овој контроверзен надоместок, навистина останува нејасно што е она што граѓаните го добија за 1200 денари изминатава година, а што е она што ќе го добијат како услуга за новите 720 денари?

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top