„Дедо и внук“ е игран филм со многу емотивна приказна. Режисерот, Илија Пиперкоски, вели дека сонот да го снима првиот игран филм во неговото родно место Охрид, се остварува денес на снимањето на првата клапа од играниот филм „Дедо и внук“.
Започна снимањето на играниот филм „Дедо и внук“. Овој филм е авторско дело на нашиот сограѓанин Илија Пиперкоски, кој се јавува и како режисер и сценарист. Планирано е филмот да се снима од 19 април до 15 мај, појаснува продуцентот Огнен Антов, кој веќе ги открива и првите детали за филмот. Главните актери се Селаетин Билал, дедото во филмот и Дејан Лилиќ, внукот.
„Куриозитет е што за прв пат имаме охридски автор, тоа никогаш не се случило во историјата на македонската кинематографија и во поновата македонска историја за прв пат иаме филм кој што комплетно се работи во Охрид, од почеток до крај. Направивме многу претумбации овие три дена каде, што, како, зошто бидејќи генерално не планиравмедека ќе имаме ниски температури, сакавме потопло и посончево време, но во секпој случај не би требало големи измени да правиме за сега се држиме до планираното“
Многу се причините околу одлуката зошто филмот комплетно да се снима во Охрид, вели режисерот Илија Пиперкоски. Додава дека периодов од три години бил посветен на интензивна работа на два фронтови во филмската уметност, едниот документарен филм за Охрид, другиот играниот филм „Дедо и внук“.
„Имам два моменти на кои се радувам, едниот момент е дека денеска после долго време спремање на игран филм имав чест да ве поканам на прва клапа на снимањето на играниот филм Дедо и внук, а од друга страна од наредната недела почнува и премиерно да биде прикажан и документарниот филм за Охрид. Од кога се запишав на филмска академија го чекав овој ден да дојди, не дека претходно не сум правел кратки филмови, но знаете кога снимате игран филм чуството е друго, многу поинаку може да се изразите и во поинаков формат може да ја искажите приказната. И верувајте ми неколку дена пред снимање не бев ни свесен дека доаѓа денот за снимање“
Дел од екипата на играниот филм „Дедо и внук“ е и актерот Горан Стојаноски. Тој го толкува ликот на Митко кој е сосед на еден од главните ликови .
„Овој филм искрено сум почестен да глумам затоа што е охридска приказна, бидејќи се работи во Охрид. Искрено од кастингот јас сум единствен од Охрид и е огромна енормна честа да бидам дел од овој филм“
Главната улога во играниот филм „Дедо и внук“ е на познатиот македонски актер Дејан Лилиќ. Тој вели дека преку неговата улога во овој филм осознава колку им е тешка работата на хирурзите.
„Никола, ликот што го играм покрај тоа што е кардио – хирург и што има тешка задача, му се случуваат низа интересни, невообичаени на некој начин чудни пречки во неговиот живот затоа што буквално во еден миг му се врти наопаку целиот негов живот.“
Во филмот на Пиперкоски одлично се снаоѓа доаенот на филмската уметност, Селаетин Билал. Тој вели дека случувањата во филмот ги има многу во нашата земја.
„Напуштени стари луѓе кои се заборавени од блиските од семејството. Многу интересна улога и што е најважно соработката со режисерот е многу пријателска, се договараме и има пријатни моменти во текот на работата и сметам дека така ќе биде до крајот и дека ќе направиме добар филм“
Финансиската поддршка од Агенцијата за филм на РМ е во висина од 16 милиони денари за дебитански филм, вкупниот буџет на филмот е некаде околу 400 000 евра. Се очекува до крај на годината филмот да биде завршен со цел да може да влези на некој од големите светски фестивали.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град