Сигурен сум дека градоначалникот и неговите служби се запознаени со состојбата во која се наоѓа овој дел од Лескоец за кој ви испраќам фото-документација, исто како што сум сигурен дека после неуспешниот, да, добро читате….НЕУСПЕШНИОТ обид да постават канализација во ова место, знаат точно за што станува збор и во какви ненормални услови живеат жителите на овие неколку улици, стои во дел од писмото испратено до редакцијата на ТВМ од жител на Лескоец.
Се надевам дека ова писание ќе го привлече вниманието на локалната самоуправа кон ова заборавено место. Иако воглавно Лескоец е познато по немањето на канализациона мрежа и адекватно снабдување со вода за пиење, една од нус-појавите од претходно наведените состојби се и улиците кои никогаш не виделе асфалт.
Сигурен сум дека градоначалникот и неговите служби се запознаени со состојбата во која се наоѓа овој дел од Лескоец за кој ви испраќам фото-документација, исто како што сум сигурен дека после неуспешниот, да, добро читате….НЕУСПЕШНИОТ обид да постават канализација во ова место, знаат точно за што станува збор и во какви ненормални услови живеат жителите на овие неколку улици.
Овој дел од Лескоец е населен повеќе од 30тина години, и во сите овие 3 децении, жителите на овој дел, кои од ден на ден стануваат се побројни се соочуваат со истите проблеми. Тонеме во кал секоја есен и зима и се давиме во прашина секоја пролет и лето. Како што може да претпоставите, согласно годишното време, сега ни е ред да тонеме во кал. 30 години, тоа е доста долго време, зарем не?
Искрено, добивме малку надеж дека овие проблеми еднаш засекогаш ќе бидат решени. Рака на срце, имаше еден обид за тоа да се направи, есента 2019та година. За жал тоа не само што резултираше со неуспех, исто така сосема чудно коинцидираше со предизборните кампањи за тогашните локални избори. Оттука, колку и да сакаме да веруваме во искрената желба овие проблеми да ни се решат, фактите го зборуваат сосема спротивното. Се надевавме дека со обидот на локалната самоуправа и нивните служби да постават канализациона мрежа во овој дел, можеби конечно ќе видиме и асфалт, прв пат после 30 години. За жал не го добивме ниту едното, ниту другото. Локалната не смогна сили, ниту морални, ниту технички за да најде едноставно решение на уште поедноставен проблем. При обидот за поставување на канализациона мрежа во овој дел, во ноември 2019та, локалните служби, иако дојдоа со фанфари, помпезно најавувајќи, онака како што ПР експертите во локалната знаат, дека ќе решат децениски проблем, за жал ништо од тоа не се обвистини. За разлика од нивното помпезно пристигнување, нивното заминување од овде беше доста притаено, како да ги фати срам што не можат да си ја довршат работата што ја почнале. Иако им честитам што успеаа барем половина од улицата да ја поврзат на канализациона мрежа, останатите….останатите ќе чекаат некоја технолошки понапредна локална самоуправа.
Иако навидум изгледа дека двата проблеми се неповрзани, сепак, јас многу добро знам дека поставувањето на канализациона мрежа е проследено со поставување на асфалт или санирање на улицата и враќање во првобитната состојба доколку претходно имало асфалт. Тука лежеше надежта на жителите на овој дел на Лескоец, дека можеби, само можеби, ако ни ја постават долго очекуваната канализација, тоа ќе значи и крај на нашите проблеми. За жал тоа не е така.
Февруари 2021 година, скоро две години подоцна, ништо не е променето. Жителите на овој дел од Лескоец не ги интересираат бекатонките и детските игралишта кои локалната ги прави на секој агол од градот, па и тука. За тоа може да разговараме подоцна. Кога купуваме намирници за дома, прво ги купуваме основните производи, а потоа се мислиме за луксузните, за жал, оваа локална, како и многу други претходно, повеќе се грижи за шминката отколку за преземање суштински чекори и решавање суштински прашања.
За крај, неверојатно поразително е наместо да разговараме за решавање на несовршеностите, ние се молиме за 100 метри асфалт. Во нормални држави, даночните обврзници плаќаат даноци на државите и општините, а државите и општините со тие пари ја решаваат нивната инфраструктура. Тука, кај нас, очигледно оваа логика нема место.
Поздрав и секое добро
Лесковчанец
*Ставовите изнесени во објавените писма од граѓани не се ставови на редакцијата на Регионална Телевизија ТВМ и порталот tvm.mk и таа не сноси одговорност за изнесеното во текстот.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град