Петков – „човекот амфибија“ постави нов светски рекорд во Охридско Езеро

Бугаринот Јане Петков , денеска во водите на Охридското езеро постави нов светски рекорд за Гинис. Човекот амфибија како што го нарекуваат , исплива  3380 метри, во вреќа , врзан во со ланци. Настанот измина во беспрекорна организација за која се погрижи Црвен Крст Охрид.

 |   | 

Јане Петков од Петрич,  Бугарија, познат како „човекот амфибија“ денеска во Охридското езеро постави нов светски рекорд во пливање врзан со ланци и во вреќа. Со оваа несекојдневна атракција Петков по втор пат ќе се запише во Гинисовата книга на рекорди а со тоа и Охридското Езеро во чии води за прв пат го постави рекордот во 2013 година.  

„Многу добро се чувствувам . Среќен сум што сите заедно успеавме да го подобриме рекородот. Ова е значаен датум за Охрид и за Петрич. Немав поголеми проблеми. Освен студената вода и брановите поради кои ми се наруши дишењето на дел од патеката, немав други проблеми. „ – изјави Петков.

Денеска Петков го подобри сопствениот рекорд кој во Охридското езеро го постави пред 5 години и истовремено го сруши актуелниот светски рекорд во оваа дисиплина кој го постави  индиецот Гопал Карви.  64 годишниот  Петков денеска успеа да исплива 3380 метри од плажата Горица 3 до Охрид на кејот што е за 300 метри повеќе од индиецот.

„ Патеката ја исплива , не можам точно да прецизирам , но стартуваше во 9:36 минути а пристигна во 12:36 минути, значи за околу 3 часа. Тоа ќе го имаме официјално во записникот. Со ова Јане го постави новиот светски рекорд во препливување врзан.“ – Кажа Сашо Точков -Прет. ОО Црвен Крст Охрид.  

Покрај љубопитните граѓани и туристи кои со аплауз го пречекаа Петков на кејот, подвигот го следеше и Градоначалникот на општина Петрич Бугарија, Димитар Брчков.

„Огромна благодарност до општина Охрид и на господинот Сашо Точков како претседател на Црвен Крст кој ја направи целосната организација и логистика за овој настан и на сите кои беа вклучени. Се покажа дека кога ќе работиме тимски успехот е неминовен. Се чувствуваме добредојдени во Охрид.“ – изјави Брчков.

Јане Петков се подготвува за нов подвиг. Планира да постави светски рекорд во друг стил, најдолга штафета во пливање под вода. Вели дека што и да прави секогаш Охрид го носи во себе како духовен центар.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top