Петиција против висококатници во заштитеното подрачје

Петиција против висококатници во заштитеното подрачје на Охрид денес поднесоа еколозите од 14 НВО. Бараат итно да престане неконтролираната урбанизација на регионот и да се почитуваат препораките на Унеско.

 |   | 

Еколозите од четиринаесет Невладини организации во земјава под капа на Движењето на екологисти во земјава денес поднесе петиција да не се градат висококатници во селото Велестово и околните села во НП Галичица. Иницијативата доаѓа од жителите на селото Велестово, каде како што велат последниве години забележителен е бројот на дивоградби и висококатници.

Да престане урбанизацијата во заштитеното подрачје на градот и да се почитуваат препораките на Унеско.

Бараме да се почитуваат препораките на Унеско, значи да нема високи градби односно 50% од вкупната површина од земјиштето и да нема градби повисоки од П +1 во Велестово. Имаме барање за Велестово, но понатаму ќе имаме искази од други лица кои ќе поднесат петиција и за градот и околината – вели Борис Џајкоски, екологист.

Поради поедини моќници, кои изминативе 20 години градат високи згради во Велестово нарушен е автентичниот лик на селото. Воедно неконтролираната урбанизација ги доведе до недостаток на вода.

Високите згради се градат една до друга, а се знае дека Галичица е порозно земјиште и со таа огромна тонажа може да дојде до поместувања на теренот. Од значаен карактер е да се каже дека функционира на септички јами, а тие фекалии се слеваат во езерото и Билјанини извори што е сериозно прашање – вели Славе Ѓорѓо Димоски од Здружението „Велестово“.

Староседелците во Велестово и околината поради тоа што се изградени такви големи згради немаат вода за пиење. Поради тоа ја поддржуваме оваа петиција која е поднесена. Дополнително е во подготовка и друга петиција која ќе се однесува и на Охрид и на другите места како Коњско, Рамне и на јужниот брег – вели Вик Какаротски од Здружението Енхелиус.

Еколозите бараат усогласување на Законот за урбанизација со Планот за управување со Унеско.

Некој намерно сака да се оттргне Охрид од светско наследство со тоа што урбаната мафија ќе може да гради колку сака и каде сака. Во однос на дивоградбите според НП Галичица се над 500 дивоградби, а во однос на оние кои се пријавени во локалната самоуправа се над 1000 дивоградби – вели Сашо Кироски од Здружението Енхелиус Лихнид.

И Туристичката асоцијација на град Охрид ја поддржа иницијативата против урбанизацијата на Охрид.

Неконтролираната урбанизација мора да се запре. Тоа е под број еден. Мора да се почитуваат препораките на Унеско затоа што ќе бидеме ставени на црната листа и после тоа сите негативни последици ќе ги сносат граѓаните на овој град, не институциите него граѓаните ќе го почувствуваат тоа. Затоа сакаме општината да не сфати сериозно како граѓански организации, вели Никола Киселинов претседател на Туристичка асоцијација Охрид.

Еколозите најавија дека петицијата ќе ја поднесат до општина Охрид и до сите надлежни институции.

 

Новинар : Соња Рилковска

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top