Петардите сеуште сериозна опасност за најмладите-СВР со превентивни акции

Биди ѕвезда, не фрлај петарди. Под ова силно мото започна проектот „Превенција од злоупотреба на пиротехнички средства“ во кој дечињата од охридските основни училишта со пароли во рацете испратија порака до своите врсници но и до родителите.

 |  Мишел Наумоски  | 
petardi

Живеј го животот без петарди, купи подарок-не петарди, петардите се нашите непријатели…Ова се само мал дел од многуте пораки кои денес ги испратија учениците од охридските основни училишта, како едно предупредување до своите врсници, но и до нивните родители за опасностите од злоупотребата на нелегалните пиротехнички средства. Тие рекоа дека научиле за страшните последици од употребата на петардите и токму затоа сакаат да испратат вакви силни пораки.

prva pomos petardi“Ние за петардите научивме дека се многу опасни, можат да влијаат врз нашето тело, како повреди на рака, изгореници и скинати прсти.”

“Да не ни купуваат петарди и подари си среќа, не петарди.”

“Би препорачал на сите деца во градот и надвор да не купуваат петарди, бидејќи мене не ми е јасно зошто децата даваат пари кога си го уништуваат нивното здравје.”

“Научив дека петардите се многу опасни по животот и научив дека можеме да изгубиме прсти па и цела рака.”

“Наместо петарди можеме да купиме нешто подобро бидејќи со петардите можеме да нанесеме изгореници и да ги скиниме прстите.”

“Сите деца не треба нив да ги користат и моите соученици и големите деца, не треба да си го уништуваат здравјето само за забава.”

“Целта на ова собирање е да ја поттикнеме свеста кај младите да не купуваат петарди и да ја прославиме Новата Година без петарди.”

“Да не купуваат петарди и да не користат петарди затоа што може да се повредат.”-рекоа дел од дечињата.

На сериозноста и опасноста не само по физичкото здравје туку и легалните санкции кои постојат за злоупотребата на нелегални пиротехнички средства, предупредуваат и од СВР Охрид кои го организираа денешниот настан, а во рамките на проектот “Превенција од злоупотреба на пиротехнички средства”.

prevencija petardi“Секторот за внатрешни работи од Охрид води перманентна борба против нелегалната употреба на петарди и разна друга пиротехника посебно во овој период пред новогодишните празници. Во таа насока ние делуваме на две полиња, превентивно и репресивно. Превентивните делувања на СВР Охрид се одвиваат токму на вакви настани и со вакви проекти, кога всушност се обидуваме да делуваме едукативно пред се врз младите. Она што е значајно е да се каже дека пиротехниката е опасна по здравјето и животот пред се на најмладите, но и на сите останати бидејќи делува врз органите за дишење и во светски рамки познати се случаи на смртност од нелегална употреба на пиротехника.”-вели портпаролот СВР Охрид, Стефан Димоски.

Заменик градоначалникот на Охрид, Ангел Јанев вели дека и децата и родителите, и сите сограѓани се свесни за опасноста од пиротехничките средства, но дека и натаму мора да се работи на подигнување на истата.

bidi zvezda ne frlaj petardi“Секогаш постои опасноста од користење на вакви средства кои што и тоа како можат да внесат од една страна вознемиреност кај граѓаните и сите кои сакаат да се провеселат и таа ноќ убаво да ја поминат во Охрид, од друга страна секогаш може да дојде до незгоди на рацете, на лицето, на делови од телото, кои што не се посакуваат, ниту кај најмладите, ниту кај постарите. Пораката како што кажав е повеќе од очигледна. Децата се свесни, родителите се свесни, ние сме свесни меѓутоа свеста никогаш не е доволна. Јас се надевам дека оваа и ваквите манифестации ќе ни помогнат и понатаму да внимаваме на сите оние опасности за и околу користењето на овие средства.”-изјави Јанев.

Според податоците на СВР Охрид, во 2013та година нивните служби успеале да пронајдат и одземат околу 23 илјади парчиња петарди и друга пиротехника, додека минатата година во истиот период биле пронајдени и одземени 7 илјади парчиња петарди, што според портпаролот Димоски укажува на позитивноста од мерките кои тие, но и останатите субјекти ги преземаат во насока на сузбивање на нелегалната употреба на пиротехника. Инаку, портпаролот Димоски потенцира дека според законот постојат и високи парични казни за родителите чии деца употребуваат нелегални пиротехнички средства и тоа од 600 до 800 евра во денарска противвредност. Во наредниве денови, а во пресрет на новогодишните празници, од СВР Охрид ќе започнат со засилени контроли со цел превенирање но и санкционирање на правните и физички лица кои неовластено ќе користат или продаваат нелегална пиротехника.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top