Петар Рупески го фати Светиот крст во осветените води на Охридското Езеро. Од оваа година организацијата на манифестацијата Богојавление-Водици премина во рацете на МПЦ и Локалната самоуправа. Многубројните гости а и охриѓани задоволни како беше одбележан настанот.
Петар Рупески по трет пат најсреќен меѓу стотината верници кои денеска скокаа по Светиот крст што во осветените води на Охридското Езеро го фрли митрополитот на Дебарско-кичевската епархија Тимотеј. Дваесет и шестгодишниот варошанец последен пат го фати крстот пред две години кога посака среќа во животот и вработување.
Чуството е како прв пат да го фаќам крстот, секогаш е посебно, пресреќен сум што и годинава бев благословен од бога. Иако е многу ладно многу ми е топло во душава. Нема никакви посебни подготовки зџа овој чин. Крстот ќе го фати оној кој е предодреден од бога, вели Рупески.
Овој црковно- народен собор го проследија голем број охриѓани но и гости од другите градови на Македонија и од странство.
Јас сум од Воден- Костурско. Дојдов овде зошто слушав дека е многу убаво и не згрешив. Сe е прекрасно, возвишено, уживам меѓу охриѓани, рече еден од гостите.
Јас живеам во Германија. Охрид многу го сакам, доаѓам на лето, сега прв пат дојдов за Водици. Па ова е прекрасно. Пак ќе дојдам до година, вели една нашинка која живее во странство.
Секоја година на овој ден доаѓам од Скопје. Тоа ми е традиција. Охрид е прекрасен, а годинава и организацијата е за пофалба, вели еден скопјанец.
Од оваа година организацијата на манифестацијата Богојавление-Водици премина во рацете на МПЦ и Локалната самоуправа. Градоначалникот на Охрид. Никола Бакрачески рече дека се протекло во најдобар ред, во убаво расположение и со помош на Господ.
Навистина заокруживме еден многу убав настан. Тоа што го одликува Охридсо години и децении го задржавме и се потрудивме традицијата на фаќањето на крстот која е најдолга во Македонија да не изгуби воопшто од своето значење, рече градоначалникот.
Бакрачески кажа дека од оваа година нема кум на манифестацијата. Тоа било одлука на членовите од координативното тело кое ја организираше манифестацијата, а пред се на МПЦ.
Охрид е кум на Водици- Богојавление. Нема потреба за посебни кумства, градот и граѓаните се кумови на оваа вековна традиција, рече Бакрачески.
Инаку, Општина Охрид на најсреќниот ќе му подари икона со мотиви од празникот Богојавление-Водици за да го потсетува на овај убав настан.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град