Предлог за изградба на мини марина на Охридското езеро, сега-засега зацртана во Нацрт ДУП.
Конечно прв предлог за изградба на марина на Охридското езеро, зацртана во еден од шесте Нацрт детални урбанистички планови, изгласани на 21-та седница. Ова е предлог за изградба на марина во Општина Охрид, па макар и мини, па макар и во село Пештани. Како локација е избрано старото постоечко пристаниште, кое со мали измени и проширувања треба да ја извршува функцијата на марина. Покрај нацрт деталниот план за Пештани, на завчерашната 21-ва седница на Советот на општината донесени уште 5 нацрт детални урбанистички планови, околу кои советниците од позицијата и опозицијата имаа спротивставени ставови. Од опозиционата ВМРО-ДПМНЕ, категорично против нивното донесување, бидејќи, како што велат станува збор за шест урбанистички планови кои не се од јавен интерес за граѓаните на Охрид. Според зборовите на советникот Дејан Паноски, објектите кои треба да никнат се со преголеми димензии. Покрај габаритот, особено спорна за советниците од опозицијата е и висината на објектите.
„Ќе го подржиме секој урбанистички план, било да е нацрт или локална урбанистичка планска документација, каде се работи за јавното добро, за јавниот интерес на Охрид. Камо среќа да градиме опера и балет, никогаш нема да сме против.“ изјави Паноски.
Инаку НДУП се однесуваат на следниве шест локации. Првиот е за горниот дел од старата чаршија, односно приватните станбени и деловни објекти на тој потег, простор кој според зборовите на опозицијата е доволно урбано деградиран. Доколку нацрт предлогот за овој дуп ја доживее својата финална верзија, овде ќе никнат нови поткровја и проширувања на постојните објекти.
Вториот НДУП се однесува на просторот зад судската зграда, за каде според зборовите на Паноски, се предвидени драматични промени на градбите и во висина и по хоризонтала. Третиот спорен НДУП е триаголникот на пресекот помеѓу бул „Туристичка“ и ул.„Даме Груев“, за каде се предвидени станбени згради. За опозицијата доста спорен е НДУП-от, кој се однесува на потегот после хотелот „Тино“, за каде е предвидено приватните станбени објекти да бидат со големина П+2+Пк, па дури и П+3+Пк. Со тоа, новоизградените објекти ќе се надоврзат на постоечките бетонски мегаломански градби, на кои во никој случај не им е место на самиот кеј. Опозиционерите коментираат дека ова е деградација на просторот на овој потег во континуитет. Од позицијата пак, со малку поинаков став. За разлика од ВМРО ДПМНЕ, Верица Хајба од НСДП, како и секогаш во интерес на урбанизацијата. За неа нема ништо спорно во овие нацрт предлози, туку напротив, биле од особен интерес за граѓаните.
„Овде се работи за нацрти, не се работи за ЛУП, па сега ние ќе му наштетиме на граѓаните со нивното гласање. Што треба да значи? Дека Охрид треба да умре, дека не треба да имаме нацрт планови?И јас би сакала објекти од јавен интерес“, изјави Верица Хајба од НСДП.
Последниот нацрт урбанистички план се однесува на индустрискиот комплекс позади погоните на поранешните фабрики „Отекс“ и „Братство“. Со него ќе се овозможи изградба на станбени, комерцијални и деловни објекти.
Ова не е се од сферата на урбанизмот предвидено за 21-та седница. На нејзиното продолжение во петок следуваат уште 26 точки од урбанизмот, но овој пат предлог одлуки за утврдување потреба од изработка и донесување на Локална урбанистичка планска документација.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град