Во акција на Државниот пазарен инспекторат спроведена на 18-ти овој месец, неколку познати угостителски објекти во Охрид добија забрана за работа одреден временски период и парична казна.
Контактиравме со сопственикот на објектот „Џез и блуз“ Павел Каралиев, кој потврди дека добил 10 дневна забрана за работа, поради 10 минутното пречекорување на работното време. Покрај затворањето на објектот следува и парична казна од 2500 евра, согласно Законот за угостителска дејност. Паричната казна е иста и доколку се пречекори работното време и повеќе од 1 час од пропишаното, но затоа пак казната на затварање на објектот е 30 дена.
И од кафе-барот „Ликвид“ ја потврдуваат забраната за 10 дневно работење, при што потенцираат дека на пет минути пред истекот на законски зададеното работно време, музиката во објектот била исклучена, сметките наплатени и свтелата биле запалени. Поради неможноста на повеќе од 300 странски гости да го напуштат објектот за 5 минути. инспекторите констатирале присуство на луѓе во објектот и ја исрекле казната.
Покрај овие два објекти, неофицијално и кафе барот Табана добил забрана за работа.
Се обидовме да стапиме во контакт со раководителот на пазарниот инспекторат во Охрид, но Бошалески во моментов користи годишен одмор. Од државниот инспекторат во Скопје никој не сакаше да даде објаснување за акцијата со која беа затворени само 3 угостителските објекти.
Се наметнува прашањето дали само овие три објекти го прекришле законот или пак се само жртвени јагниња кои треба да послужат како пример за останатите. Симптоматичен е и тајмингот на спроведување на акцијата, во време кога сезоната е на самиот крај. Каде беа инспекторите во текот на целото лето, кога охриѓани и гостите постојано реагираа на ноќниот хаос во градот.
Од 1-ви септември пак, нов предизвик и за угостителите и за инспекторите. Согласно законските одредби, кафе баровите ќе треба да работат до 23 часот, а во викенд до 24, додека ноќните клубови до 2 часот по полноќ, односно 3 во викенд. Охридските угостители реагираат и на оваа одредба и велат дека ќе одат до крај за нејзини измени и зголемување на работното време.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град