Охриѓани ќе почекаат уште малку за да започне изградбата на затворениот зелен пазар. Иако од Локалната најавија дека ќе се гради од 1ви септември, на терен сеуште нема ништо. Се чека на одобрението за градба кое треба да го потпише Министерството за транспорт и врски.
Доцнат работите околу изградбата на новиот зелен пазар. Иако од Локалната најавија дека градежните работи ќе започнат при крајот на август или почетокот на септември, на терен сеуште нема ништо. Од градежната фирма АД „Илинден“ која е приватен партнер на локалната за изградба на пазарот, велат дека три месеци чекале согласност од Завод и музеј за да започнат со градба. Деновиве согласноста е добиена и треба да се испрати до Министерството за транспорт и врски кое треба да даде одобрение. Радован Трајковски, сопственикот на АД „Илинден“ објаснува дека тие како фирма се подготвени и утре да почнат со работа на терен, но по се изгледа дури кон средината на октомври ќе ја имаат целокупната документација за да започнат со градба. Првично било планирано изградбата на затворениот пазар да започне симболично на 2ри август-Илинден, па било презакажано за 1ви септември, а сега се спомнува 15ти октомври.
Инаку, приватниот партнер на локалната за изградба на пазарот, АД „Илинден“ од Струга, на тендерот за избор на економски оператор за општината понуди изградба на зелен пазар на приземјето во вкупна површина од 1233 метри квадратни, десет паркинг места во подземниот дел и 200 метри квадратни деловен простор на вториот кат. Според јавниот оглас за избор на економскиот оператор кој локалната го објави на 26ти декември минатата година, проценетата вредност на административно деловно трговската зграда која вклучува изградба на затворен зелен пазар изнесува 203.059.346 денари или нешто повеќе од 3 милиони евра.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град