Што јадат гостите кои доаѓаат во градов, охридски чомлек или лесковачка скара
Што се ни се нуди на мениата во охридските ресторани? Каква е гастрономската понуда во градов? Освен во четири до пет ресторани во ниту еден друг не можат да се најдат нашите традиционални јадења како охридски чомлек, гравче тавче, пиперки полнети или сарма. Угостителите велат дека странските гости многу малку се запознаени со нашата национална храна па ретко ја порачуваат. Тие објаснуваат дека економски им е неисплатливо секогаш на лагер да ги имаат овие јадења.
За жал освен скара, плескавица, вешалица и пилешки стек со прилог од некој замрзнат зеленчук во најголемиот дел од рестораните не можете да добиете нешто друго. Ја нема ниту охридската пастрмка која надалеку е позната , а нејзиниот вкус е незаменлив. Нема ниту плашица која во минатото многу се подготвуваше во нашите ресторани. Љупчо Патчев, познат охридски угостител вели дека жалосно е гостите да седат покрај езерото, а да јадат грав наместо риба.
Риба нема ама има лесковачка скара и тоа во срцето на Охрид. Нема лето, а сигурни сме дека и ова што доаѓа нема да биде исклучок, од сите страни да не чадат скарите кои се подготвуваат на секој чекор. Сите јадат скара, но не подготвена по хасап систем.
Кој сака да јаде лесковачка скара ќе оди во Лесковац, кој пак сака пица, шпагети и други италјански специјалитети најдобро е да ги проба во Италија, вели Патчев. Ние сме Македонија и треба да си ги промовираме и форсираме нашите национални јадења, велат угостителите. Не дека не треба да има од се по нешто на менито, но сепак гостите особено странците треба да знаат во која земја се наоѓаат. Но за жал објаснува Патчев, годиниве наназад најбројни гости ни се домашните и тоа помладата популација која нема ниту време, ниту пари да посетува ресторани, па со едно парче пица в рака или со еден хамбургер ќе си ја задоволи својата гастрономска потреба. И пак се враќаме на почетокот дека државата треба да изготви стратегија каков туризам ќе развиваме за да знаеме каде да се движиме, дали во Лесковац, Рим или пак сме тука во Охрид, додава овој познат охридски угостител.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град