Паркинзите набрзо на тендер

Ќе остане ли ЈП Билјанини извори со празни раце во делот со стопанисување со паркинзите? Градоначалникот на Охрид, Александар Петрески, веќе се подготвува за објава на тендер за иден концесионер, но убеден е дека релевантното ЈП сеуште е незрело да се справи со модернизација во тој дел.

 |  Билјана Николоска  | 
parking
parking

Најпрофитабилните паркинзи во градов наскоро на тендер. Истекува рокот на компанијата „Сузуки“, која веќе седум години го собираше медот од наплата за паркинг место како концесионер на најголемите паркиралишта во Охрид. Деновиве се очекува повик за нов концесионер на паркинзите во општинава. Дали тоа ќе го направи Локалната или ЈП „Билјанини извори“, воопшто не е важно бидејќи целта е една, што повеќе пари да се слеат во касата на ЈП, вели градоначалникот на Охрид, Александар Петрески. Но и овој пат паркинзите му бегаат од рака на ЈП „Билјанини извори“.
„Јас сметам дека ЈП сеуште нема капацитет да се справи само со паркинзите. Мислам дека ЈП пред се ако реши негде да стопанисува само, тоа да биде на затворени паркинзи и на спратни гаражи. Мислам дека на ЈП основната дејност треба да му биде спортот, рекреација и обезбедување на услови за спортистите а приходите за да го прави тоа да му бидат од паркинзите“, вели Петрески.
Останува отворено прашањето која беше потребата на Локалната да го формира ова претпријатие, кое веќе четири години неможе да застане на сопствени нозе и дали и таа треба да сноси одредена одговорност поради тоа. Исто така се поставува прашањето дали градоначалникот пред да ги даде паркинзите на концесија направил проценка колкав е бенефитот и колкава е разликата во добивката доколку претпријатието само се грижи за она што е всушност и една од неговите основни дејности, да стопанисува со спортско рекреативниот простор и со јавните паркинзи или пак поисплатливо е паркинг просторите да се дадат на концесионер. Уште пред четири години тогашниот директор Иван Цветкоски, јасно кажа дека основен извор за прилив на средства во ЈП е стопанисувањето со јавните паркинзи на кои се чекаше како топол леб да паднат во нивни раце.
Едно за Петрески е сигурно дека паркинзите предизвикуваат голем интерес во јавноста. Додава дека, идниот концесионер ќе треба да внесе многу новини за модернизација и уредување на паркинзите, а исто така во тоа ќе помогне и студијата која Локалната веќе ја изработува за оваа проблематика.

rampaПокрај компанијата „Сузуки“, има многу заинтересирани за концесијата за паркинзите не само од градов, туку и од земјава, од соседна Србија, како и од Холандија. Петрески подвлекува дека конкуренцијата е голема, а тоа дава гаранција за квалитет. Тој додава дека за нив е важно што повеќе пари да влезат во општината, т.е во ЈП, да се регулира сообраќајот, и да се обезбедат што повеќе паркинг места во општината. Кој ќе ги исполни овие услови тој ќе победи. Како што е познато досега не е најден лек за решавање на проблемот со паркинг просторот во Охрид, кој е хроничен и години наназад се провлекува. Директорот на јавното претпријатие Боро Шаин, сеуште ги одлага средбите со новинарите, со изговор дека за брзо време ќе биде подготвен да одговори на нашите прашања, чии пак одговори се од интерес на јавноста во Охрид.

{loadposition content9}

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top