Нови услови за авиокомпаниите за добивање субвенции за евтини авиолинии

Владата усвои Уредба за начинот и критериумите со кои ќе доделува субвенции на авиокомпании за евтини авиолинии, како и Програма за определување финансии за таа намена за периодот од 2019 до 2021 година. Со тоа започнува постапката за  објавување нов повик за субвенции за авиокомпании кои ќе оперираат од скопскиот и охридскиот аеродром.

 |   | 

Новиот повик за субвенционирање евтини авиолинии со изменети услови кои ќе треба да ги исполнат авиокомпаниите што ќе достават понуди. Денеска Владата  усвои Уредба за начинот и критериумите за доделување субвенции според која авиокомпаниите ќе имаат обврска до 10ти јануари 2019та год да воспостават база од најмалку еден авион на скопскиот или охридскиот аеродром за периодот за кој се доделува финансиската поддршка, информира денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески. Во предходниот  јавен повик, кој беше поништен, беше предвидено задолжително воспоставување на по една база и на скопскиот и  на охридскиот аеродром. Сугарески кажа кои услови според новиот повик треба да ги исполни авиокомпанијата што сака да добие субвенции а што се однесуваат на охридскиот аеродром.

 „Авиопревозникот треба да започне со оперирање на најмалку четири нови дестинации од охридскиот аеродром, од кои првите две да ги воспостави до 10ти јануари следната година, а останатите две во рок од една година по склучувањето на договорот. На секоја нова дестинација што ќе ја воведе авиопревозникот од аеродромот во Охрид претходните две години не требало да има редовна авиолинија. – кажа Сугарески.

Сугарески најави дека по објавување на Уредбата и Програмата во Службен весник  ќе биде формирана Комисија за спроведување постапка за доделување финансиска поддршка. Целата постапка за  ќе се врши јавно, фер и транспарентно, рече министерот.
Заложба на владата е во интерес на граѓаните да има евтини авио линии кон се поголем број дестинации. Во таа насока се размислува и за прекуокенски линии кои досега не беа воведени.

„ Сме разговарале на таа тема и не ја исклучуваме таа можност. Но тоа треба да се договори со авиокомпаниите. Нашата цел е после рокот на јавниот повик да се избере авиокомпанија и бидејќи во буџетот се предвидени средства и сметаме дека оваа е многу добра мерка, така да ќе направиме се што е во интерес на граѓаните “ – кажа Сугарески.

Инаку, со субвенции од државата во изминатите шест години од македонските аеродроми оперира Виз Ер и за таа намена има добиено 9,5 милиони евра. Предходниот јавен повик  пропадна затоа што единствената компанија која конкурираше, Виз ер, немала комплетна документација. Во меѓувреме, компанијата укина три линии, почнувајќи од оваа есен,  меѓу кои Охрид -Лондон.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top