Отворени врати за менување на платежниот пејзаж

Од денес во Охрид се одржува Дванаесеттата конференција за плаќања и пазарна инфраструктура, којашто ја организира Народната банка на Република Северна Македонија во соработка со Банката на Холандија. На отварањето се истакна дека многу важен фактор којшто најверојатно ќе ја обликува иднината на традиционалното банкарство е начинот на кој банките пристапуваат кон финансиските иновации и колку ги прифаќаат.

 |  Јаковлева Лионела  | 

„Отворени врати за менување на платежниот пејзаж“. Ова е темата на Дванаесеттата конференција за плаќања и пазарна инфраструктура, којашто ја организира Народната банка на Република Северна Македонија во соработка со Банката на Холандија, а од денес се одржува во Охрид. Претставници на централните банки од евросистемот и на централните банки од регионот на Западен Балкан и Црното Море ќе дискутираат за најновите светски трендови во областа на плаќањата и предизвиците за нивната примена и повеќе клучни прашања поврзани со промените во правната рамка за платежната сфера во Европската Унија, најновите платежни решенија управувани од финтек-компаниите, отвореното банкарство, развојот на инстант плаќањата, дигиталните валути и крипто-средствата.

Многу е важно бидејќи ќе има голема понуда на различни видови производи граѓаните како потенцијални потрошувачи да се заштитени. Затоа ќе се гледаат и двата аспекти. Кои се новините, но кои се и ризиците, истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на почетокот на своето обраќање со кое ја отвори Конференцијата.

Во центарот на вниманието на годинешново конференциско издание е прифаќањето на промените, односно отворањето на вратите за финансиските иновации во платежниот пејзаж, истовремено спречувајќи нарушување на финансиските пазари и на целокупната финансиска стабилност.
Многу важен фактор којшто најверојатно ќе ја обликува иднината на традиционалното банкарство е начинот на кој банките пристапуваат кон финансиските иновации и колку ги прифаќаат, било директно и самостојно, или преку соработка со нови финтек-компании, истакна Ангеловска-Бежоска.

На отворањето на Конференцијата се обрати и Михаил ван Дувервен од Банката на Холандија, при што меѓу другото посочи дека е особено важно централните банки да ги стимулираат дигиталните плаќања. Според неговите оценки, Северна Македонија прави многу за модернизација на националните платежни системи и производи и треба да продолжи така.

Сега во Македонија плаќаме ние со платежни картички, тоа се овие кредитни картилки кои во иднина ќе се развиваат. Инстант плаќањата се исто така важни бидејќи дополнително ги отвораат вратите за нови и модерни платежни продукти. Во Холандија сметаме дека инстант плаќањата во иднина че станат новата нормала, рече Дувервен.

Во текот на денешниот конференциски ден, свои експертски излагања ќе имаат претставници на повеќе централни банки од евросистемот, како и претставници на Европската комисија и на Европската централна банка. Програмата за утрешниот конференциски ден ќе започне со обраќања на министерот за финансии, Драган Тевдовски и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, по што меѓу другото свое обраќање ќе има и претставник на Банката за меѓународни порамнувања, а ќе биде одржана и панел-дискусија на која истакнати експерти од банкарскиот сектор и секторот финтек ќе говорат за светот на отвореното банкарство и за финтек во иновациите на плаќањата.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top