Отчет

Градоначалникот Никола Бакрачески со отчет пред граѓаните за сработеното во изминатите четири години. Денес Бакрачески во големата општинска сала пред граѓани, дел од советниците во градскиот совет, директори на јавни претпријатија и пратеници зборуваше за проектите кои ги реализира локалната самоуправа за време на неговиот мандат но и за проблемите со кои се соочува општината.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Градоначалникот Никола Бакрачески денеска даде отчет пред граѓаните за сработеното во  неговиот мандат. Тој рече дека ваквото јавно излагање ќе биде сведоштво за идните генерации како оваа постава на локална самоуправа, во еден исклучително тежок период на долгови и политички кризи постигна вредни резултати.  Градоначалникот потенцира дека најпрво се зафатиле со подобрување на организираноста и ефикасноста на администрацијата што било пресудно за реализација на зацртаните програми. 

Почитувани, со сигурност можам да кажам, за првпат во историјата на Охрид, долговите на Локалната самоуправа не само што не растат, туку имаат и сигнификантен тренд на опаѓање. И по ова сме различни од сите останати. Преведено во бројки тоа значи дека Општина Охрид во изминатиот четиригодишен период се има раздолжено за 13 МИЛИОНИ евра долгови по сите основи. Овој состав на локалната самоуправа, почнувајќи од 4 Април 2013 до денес, не должи ниту еден денар на ниту еден доверител , односно ги има исплатено сите доспеани обврски по сите основи кои настанале во овој 4.5 годишен период од нашето работење. Заради таквиот одговорен и коректен однос кон доверителите и партнерите, конечно се врати изгубената довербат кон општината, а заради која на почетокот на мандатот беше екстремно тешко да се јават понудувачи на услуги на нашите огласи за јавни набавки.

Бакрачески рече дека трендот на намалување на долговите успешно го следат и сите јавни претпријатија. При тоа градоначалникот го посочи ЈП „БИЛЈАНИНИ ИЗВОРИ“ како пример за домаќинско и успешно менаџирање, кое откако локалната му ги врати на стопанисување јавните паркинзи ги зголемило своите приходи за повќе од 90 проценти со што биле исплатени четири од петте заостанати плати, а долгот кон ЕВН во висина од 8 милиони и 200 илјади денари, успешно се сервисирал.

Градоначалникот се осврна и на развојот на туризмот, промоцијата и водењето агресивна маркетинг кампања што резултирало со повеќекратно зголемување на бројт на странските туристи.

Маркетинг – кампањата која Општина Охрид агресивно ја реализираше во претходните години и активностите кои беа преземени за промоција на Охрид, резултираа со објави, репортажи и натписи во над 200 светски реномирани медиуми, телевизиски куќи, магазини и портали. Преземените активности неизбежно резултираат со перманентен раст во посетеноста од домашните и странските туристи, со реализирани над 830.000 ноќевања во 2016 година. Во последните 4 години порастот на странски посетители во просек се движи до 15% зголемување во однос на претходната година. Особено важен е податокот дека во последните 3 години, не само што е стабилизиран бројот на домашни туристи (по речиси 7 години опаѓање), туку во последните 2 години нивниот број значително се зголемува.

Бакрачески рече дека особено внимание посветиле на развојот на спортот во градов и подршката на спортските клубови и школи. Тој додадае дека ништо помалку не се ангажирале околу внесувањето нови културни содржини во градов и зголемување на културната понуда во најголемиот туристички и културен центар во Република Македонија. Образованието секако е приоритет број еден на оваа Локална власт.

Денес средните училишта повеќе немаат долгови, а значително се намалени долговите на основните училишта Во овие установи направени се реконструктивни зафати во висина од 24 157 336 денари.

Бакрачески рече дека општината презела низа мерки за стимулирање на стопанството во градов, а денес општина Охрид е една од водечките општини во Република Македонија во водењето на социјалната политика.

Она што е особено уникатно за оваа локална власт е што покажавме дека знаеме и умееме да реализираме големи проекти со искористување на средства и од разни странски фондови: проектот „WATERNET“ со вредност од 210.000 евра од програмата за прекугранична соработка на Европската Унија помеѓу Република Македонија и Република Грција. Од истата програма се реализира и проектот за поддршка на прекугранично претпиемништво, во вкупен износ од 184.958 евра од кои 74.500 евра за Општина Охрид.

Градоначалникот се осврна и на инфраструктурните зафати кои се направени низ градов, но и во приградските населби. На крај Бакрачески рече дека ова се со сигурност најдобрите 4 години споредени со било кој друг 4-годишен период почнувајќи од 1991 година па навака. И додаде, дека судот за тоа дали е направено доволно, ќе го дадат граѓаните и идните генерации. Отчетот на градоначалникот е испечатен на 260 страници каде низ текст и фотографии се претставени само дел од поголемите проекти на Локланата.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top