Осмата седница на градскиот совет во знакот на јавните претпријатија во градов

Осмата седница на градскиот совет во знакот на јавните претпријатија во градов. Предлог одлуката за утврдување на висината на надоместокот на услугите што ги врши ЈП „Градски пазар“, предизвика дискусија помеѓу советниците. Од ВМРО обвинија дека ќе се покачат цените за закуп на тезга во пазарот. Од СДСМ пак со објаснување дека такво нешто нема да има.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Предлог одлуката за давање согласност на Одлуката за утврдување на висината на надоместокот на услугите што ги врши ЈП „Градски пазар“, создаде дилема кај советниците од ВМРО ДПМНЕ. Тие во име на пазарџиите прашуваа дали и колку ќе се покачат цените кои ги плаќаат закупците на тезги. Константин Ѓеоргиевски, координаторот на советничката група на СДСМ објасни дека во целокупниот ценовник на Градски пазар има само законско регулирање на одредени услуги кои ги давал градски пазар, а досега не биле регулирани со закон. Станува збор само за воведување ред во издавањето на кафемати и банкомати во рамки на пазарот што и досега се правело, но без одлука на совет. Сега за поставување банкомат ќе треба да се платат 2500ден., за поставување сандаци за сладолед 2500ден., а за банкомати 5000ден. Друга измена е согласно Законот за изнајмување простор кој е во сопственост на РМ. Јавното претпријатие е должно да направи проценка на деловниот простор кој го издава и цената да се утврди според вредноста на дуќанот која ја утврдил овластен проценител и треба да изнесува 0,5 %.

Досега цените на дуќаните во градски пазар се ставани од ракав, а не по Закон. Сега тоа сакаме да го регулираме со закон. А ќе ја укинеме и праксата градски пазар да им дава фискални апарати на оние кои се закупци на тезги, објаснува Константин Георгиевски, координаторот на советничката група на СДСМ.

Градоначалникот Јован Стојаноски објасни дека Јавното претпријатие „Градски пазар“ нема извршено никакви измени на цената за издавање под закуп на тезгите , а посочи и дека не се издадени лиценци кои дополнително би ги оптовариле пазарџиите на зелениот пазар. Тој кажа дека остварил средба со пазарџиите и им било објаснато дека нема да има никакво покачување на цените.

Мирно го разрешивме целокупниот проблем. Ниту има поскапување на цените како што одредени медиуми известија ниту пак имаме одредени лиценци со кои ќе бидат дополнително оптоварени пазарџиите, рече градоначалникот Јован Стојаноски.

Директорката на ЈП „Градски пазар“, Кристина Крлеска објасни дека лиценци треба да поседуваат само земјоделците кои сакаат своите производи да ги продаваат на пазарот и дека сумата за добивање на една таква лиценца ќе биде сосема разумна и во согласност со економската моќ на овие граѓани.

Инаку, осмата седница која беше обемна и имаше 92 точки на дневен ред заврши со усвојување на поголемиот дел од нив. Советниците гласаа за точките од сверата на урбанизмот и оние поврзани со работата на јавните претпријатија во градов. Додека пак извештаите за работа на основните и средните училишта за 2017та во најголем број не добија зелено светло.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top