Општина Охрид со 300 000 ден. ќе им помага на поплавените

Со едноминутно молчење со кое се оддаде почит на настраданите во полавите кои пред два дена го зафатија скопскиот регион, започна педесет и осмата вонредна седница на Советот на општина Охрид. Седницата се одржа по предлог на Координаторот на советничката група „Сојуз на иднината“ со единствена точка на дневен ред, Предлог Одлука за спроведување мерки и активности за помош до загрозените семејства и институции погодени од поплавите.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Денес се одржа педесет и осмата вонредна седница на Советот на општина Охрид, по предлог на Координаторот на советничката група „Сојуз на иднината“ со единствена точка на дневен ред, Предлог Одлука за спроведување мерки и активности за помош на загрозените семејства и институции погодени од поплавите. На седницата беше искажано сочуство за загинатите во поплавите кои пред два дена го зафатија скопскиот регион, а градоначалникот Никола Бакрачески рече дека изминативе два дена бил во постојана комуникација со Кризниот Штаб, со надлежните во ресорните министерства и со градоначалникот на град Скопје, при што од негова страна била искажана подготвеност за пружање на неопходната помош со човечки и технички ресурси за справување со елементарната непогода.

Беше побарано од нас да им испратиме специјлна механизација, односно возила со вакум пумпи, но за жал Општина Охрид не можеше да им излезе во пресрет бидејќи противпожарната единица на градов не располага со ваква механизација, а и останатите возила кои можеа да им бидат од помош се дотраени, па не ќе можеа да поминат околу 170 км и да стигнат на местото на несреќата, рече градоначалникот.
 
На денешниот состанок на  Комисијата за финансии при Советот на Општина Охрид беше донесена одлука да се даде парична помош од 300. 000 денари на Општина Гази Баба чија територија имаше најголеми штети од елементарната непогода. На седницата се одлучи оваа помош да не биде еднократна туку доколку има потреба во иднина повторно да се издвојат средства од буџетот на општината за да им се помогне на настраданите. Градоначалникот рече дека општина Охрид ќе помогне и со стручни лица. На располагање се ставени двајца градежни инженери, двајца архитекти и двајца хидро инженери.
Граѓаните на Охрид преку органите на општината, Градоначалникот и Советот сакаат уште еднаш да ја изразат својата солидарност и хуманост и да упатат сочувство до семејствата на несреќно загинатите лица.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top