• Почетна
  • Archive
  • Вести
  • Охрид
  • Општина Охрид по четврти пат ќе го покрие долгот што ОУ „Григор Прличев“ го има кон ЕВН Македонија

Општина Охрид по четврти пат ќе го покрие долгот што ОУ „Григор Прличев“ го има кон ЕВН Македонија

Советниците уште еднаш дадоа зелено светло за општината да му го покрие долгот на ОУ „Григор Прличев“ кој го има кон ЕВН Македонија. Причина за долгот е блокираната сметка на школото поради спорот кој веќе години наназад го води со физички лица кои се сопственици на дел од дворот на училиштето. Советниците од опозицијата побараа градоначалникот како што вети трајно да го реши овој проблем, а не да се носат вакви времени решенија. Секретарот на општината објасни дека интензивно се работи на тоа.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Општина Охрид ќе го покрие долгот во висина од околу 300 000 ден. што ОУ „Григор Прличев“ го има кон ЕВН Македонија. Ова беше одлучено на денешната седница на Совет. Градските избраници по четврти пат носат ваква одлука откога пред три години ЕВН му ја исклучи струјата на ова училиште поради неплатен долг. Причина за тоа е блокираната сметка на школото поради спорот кој веќе години наназад го води со физички лица кои се сопственици на дел од дворот на училиштето.

Уште при носењето на првата одлука од страна на градоначалникот беше ветено  дека проблемот со блокираната сметка ќе биде решен, но еве веќе четврт пат носиме вакво решение кое е само привремено, а не трајно, вели Јоне Станкоски, советникот од ВМРО НП.

Станкоски смета дека само се одолговлекува проблемот на Григор Прличев и се става под тепих.
Секретарот на општината Димитар Спасески вели дека градоначалникот не е единствен чинител на овој процес и дека не зависи решавањето на проблемот само од него.

Градоначалникот постојано е во контакт со адвокатите кои го водат овој случај и во континуитет се превземаат мерки за решавање на истиот. Но процесот е многу сложен бидејќи не се паботи само за приватно земјиште туку и за државно. Ќе треба да се носи нов ДУП за овој потег а со тоа треба да се прават измени и во Генералниот план, објаснува секретарот Спасески.

Спасески не може да даде некаква времена рамка до кога би завршил спорот за земјиштето на ОУ „Григор Прличев“, но кажа дека општината ќе направи се што е во нејзини раце да се забрза постапката. Секретарот рече дека финансиската состојба со останатите училишта во градов е стабилна и дека Локалната секој месец одвојува средства плус од предвидените за покривање на трошоците на овие образовни установи.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top