Општината нема увид колку руинирани куќи има на територијата на Охрид. За преземање на активности за отстранување на куќите кои претставуваат опасност за минувачите треба да се поднесе барање до надлежните органи во Општината со точно наведена адреса на објектот, куќен број или катастарска парцела, велат од општина Охрид за ТВМ телевизија.
Општина Охрид нема увид колку руинирани куќи има на територијата на градот. За преземање на активности за отстранување на руинираните куќи кои претставуваат опасност за граѓаните, а ги има на неколку локации во градот, треба да се поднесе барање до надлежните органи во Општината со точно наведена адреса на објектот, куќен број или катастарска парцела, велат од општина Охрид за ТВМ телевизија.
Одговорите на овие прашања следуваат откако граѓани минатата недела пријавија неколку руинирани куќи, кои се распаѓаат и претставуваат опасност за минувачите. Граѓаните бараат општината да преземе мерки, но оттаму децидно ја појаснуваат постапката за отстранување.
ОХРИЃАНИ БАРААТ ДА СЕ НАЈДЕ РЕШЕНИЕ ЗА СТАРИТЕ КУЌИ ВО РАСПАЃАЊЕ
ТЕЛОП:
-Сопственикот на објектот е должен да преземе итни мерки за отстранување на објектот, да постави заштитна ограда и ознака со која објектот се означува како опасен.
-После тоа треба да поднесе барање за добивање на Одобрение за отстранување на објектот до Секторот за урбанизам и управување со градежно земјиште Општина Охрид. Со барањето за отстранување се доставуваат имотен лист и проект за отстранување на објектот изготвен од проектантска фирма. Доколку има потреба Општина Охрид по службена должност прибавува и мислење од други органи или институции за условите за оцена за отстранување на објектот.
-Секторот за урбанизам е должен во рок од 15 дена од денот на приемот на барањето да издаде Одобрение за отстранување или да донесе Решение со кое се одбива барањето.
-Отстранувањето на објектот се врши по добивање на Одобрение за отстранување издадено од надлежниот орган.
-Ако сопственикот на објектот не ги изврши наведените работи за отстранување на објектот, тоа ќе го изврши надлежниот орган од член 58 од Законот за градење по истиот редослед на трошок од сопственикот на објектот.
-Барање за издавање на Одобрение за отстранување на објектот склон кон уривање може да поднесат и други заинтересирани лица. Во тој случај Одделението за инспекциски надзор врши увид на лице место, изготвува Записник од извршен инспекциски надзор и со известување предметниот записник го доставува до надлежниот орган од член 58 од Законот за градење и во тој случај постапката се повторува, стои во одговорот на општина Охрид.
Жителите на „Абас Емин” преку рубриката „Ти си твојот град“ која ја спроведува ТВМ телевизија бараат санирање на куќа која е во распаѓање и од која паѓаат делови на улицата. Куќата стара 200 години е надвисната и претставува опасност и за пешаците и за автомобилите. Од непознати причини сопственикот не ја поправил, па дел од покривот се заканува да се урне.
Екипата на ТВМ на терен сними уште две куќи кои се опасност за минувачите на улицата „7-ми Ноември” и неколку во Стариот дел на Охрид.
На сите овие куќи нема информативна табла со напис „Внимание: опасност за минувачите и возилата”.
Новинар : Соња Рилковска
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град