Општина Охрид на седмото место по транспарентност

Општина Охрид е на седмото место на рангирање на генералната скала за транспарентност. Ова е добра позиција но ние се стремиме да бидеме на самиот врв од оваа скала рече градоначалникот Никола Бакрачески.

 |  Јаковлева Лионела  | 

На последното истражување на Центарот за граѓански комуникации од Скопје, меѓу 81 општина, Град Скопје и 15 министерства, Општина Охрид е на седмото место на рангирање на генералната скала за транспарентност. Прва според истражувањето е општината Крива Паланка. Охридскиот градоначалник Никола Бакрачески рече дека истражувањето покажало дека според индексот на активна транспарентност во 2016 година, Општина Охрид во околу 70% проценти ги извршувала своите обврски кои ги имала во областа на транспарентност, со што ја добила оценката добро.

Да бидам искрен рангирањето на седмо место од осумдесеттина институции на кое е правено ова иследување е едно признание за добрата административна пракса која ја има воспоставено општина Охрид, меѓутоа не сум комплетно задоволен бидејќи сметам дека во изминатите четири години се трудевме начелата на транспарентност и отчетност и одговорност во работењето да го заземе високото прво место во РМ, вели градоначалникот.

Законската основа за активната транспарентност на институциите се наоѓа пред сè во Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, но и во низа други закони како што се Законот за локалната самоуправа, Законот за буџетите, Законот за јавен долг, за финансирање на единиците на локална самоуправа и др. Освен од регулативата, активната транспарентност произлегува и од практиката, односно кога една институција ги прави достапни до сите граѓани одговорите на прашањата што почесто ги добива во форма на барања за слободен пристап до информации од јавен карактер. Бакрачески вели дека во месеците кои преостануваат од неговиот мандат ќе се потрудат уште повеќе да ја зголемат транспарентноста и да ги минимизираат проблемите со кои се соочиле пред четири години.

Она што ние го наследивме како една преобемна и робусна локална администрација е еден од основните фактори зошто се пројавуваат некои слабости. Дури и просторните услови со кои во моментов располага општината не се доволни за да можат вработените максимално да бидат ефикасни на работното место. Но и лошите навики од минатото кои ги стекнале вработените се причина да претставува фактор кој се провлекува во работењето, вели Бакрачески.

Во однос на одделните области на активната транспарентност – институциите објавуваат најмногу информации од областа на пристапот до информации, а најмалку од областа на буџетската и финансиската транспарентност. Истражувањето е спроведено во рамките на Цивика Мобилитас која ја поддржува годишната програмата на Центарот за граѓански комуникации.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top