По теркот на „Советот на градски татковци“, формиран „Локален совет на млади“.
Денеска кога светот го одбележува “Денот на Младите“, во Охрид се формираше локалниот совет на млади при општина Охрид. Преку ова тело градоначалникот конечно ќе ги слушне проблемите на младите, но и ќе има можност заедно да изнајдат начин за решение за истите.
„На овој начин, активно ќе ги вклучиме младите во процесот на донесување на одлуки во локалната самоуправа и секако во процесот со управување со локалната самоуправа“, истакна градоначалникот на општина Охрид, Никола Бакрачески.
„Ова тело по теркот на советот на градски татковци ќе има консултативна и советодавна улога и ќе преставува институција каде младите ќе можат да го остваруваат својот поширок општествен интерес, тело кое ќе ги преставува младите, тело кое навремено ќе ги рефлектира проблемите на младите и ќе создава иницијативи за негово брзо решавање. Ќе биде место каде ќе можат да ги изразуваат своите потенцијали и визии за тоа како да ја градиме заедницата во делот на интресот на младите кои егзистираат во овој град“, истакна Никола Бакрачески,градоначалник на општина Охрид.
Преку ова тело младите од Охрид ќе можат подобро да се претстават на национално и регионално ниво, но и да ги институционализираат своите визии на пошироко републичко и меѓународно ниво.
Во локалниот совет на млади ќе членуваат млади од различни профили почнувајќи од ученици, студенти, членови на разни културно уметнички друштва, црвен крст и други невладини организации, поточно млади луѓе кои се истакнале не само со своите активности како одредени членови, како ученици и студенти, туку и како млади кои работат општествено јавна функција.
За претседател на локалниот совет на млади на иницијатива на градоначалникот на општина Охрид назначен е Горан Шибакоски. Тој е категоричен дека ова тело пред се ќе има советодавна и консултивна улога при процесот на креирање на политики кои ги засегаат младите и нивните проблеми.
„Советот има дваесетина членови кои се успешни млади во општина Охрид кои имаат добиено многу награди и соодветно истите ќе бидат дел од тој совет.Прва активност е конституирањето на овој совет и имаме идеја да формираме иницијатива каде младите ќе решаваат проблеми и соодветно ќе работат на проекти кои се од интерес за нивните потреби“, истакна Горан Шибакоски,престедател на локален совет на млади.
На конститутивната седница на локалниот совет на млади присуствуваше и секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески, кој посочи дека администрацијата со која раководи, ќе излезе во пресрет на сите прашања кои произлегуваат од работата на Советот. Тој ги запозна присутните со Деловникот кој го уредува начинот на работа на постојаното работно тело, односно локалниот совет на млади.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град