Оперската дива Елина Гаранча го отвора годинешното 56то Охридско Лето

Во музичкиот дел годинава публиката повторно ќе може да ги слушне Венгеров и Коробејников, додека драмскиот дел ќе помине во знакот на Вилијам Шекспир приклучувајќи се во одбележувањето на 400 години од неговата смрт.

 |  Мишел Наумоски  | 

Елина Гаранча, прекрасната оперска дива од Латвија во придружба на Македонската опера и балет спектакуларно ќе го отвори годинешното 56то издание на фестивалот Охридско Лето. Традиционално од 12ти јули до 20ти август, охриѓани, гостите, туристите, сите посетители на сцените на Охридско Лето ќе можат да уживаат во уште еден спој на музика и драма кој остава без зборови. Интересот за следење на фестивалот огромен уште пред и да започне.

„Голем е бројот на оние кои веќе бараат резервација за свеченото отворање иако сеуште ја немаме откриено ѕвездата на вечерта. Тоа сепак кажува дека Охридско Лето по традиција нуди квалитет кој го препознаваат и надвор од нашите граници. Што се однесува до концептот на фестивалот, кој е традиционален, нема многу што да се менува, но секако во иднина планираме да воведеме содржини кои ќе бидат привлечни и атрактивни за пошироката публика како дополнителна програма. Како новини кои ги планираме, ќе бидат и одредени уметнички активности што би се реализирале на охридските сцени во текот на целата година, надвор од вообичаениот фестивалски термин.“-вели Оливер Арсовски-Директор на „Охридско Лето“.

Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, вели дека низата успешни претставувања на македонската култура во изминатиот период, новото фестивалско издание на Охридско Лето и оваа година ќе го донесе светот кај нас.

„Во духот на традицијата би сакала да информирам дека и ова 56-то издание на фестивалот Охридско лето ќе ни понуди квалитетна програма и во музичкиот и во драмскиот дел. На програмата ќе бидат застапени преку 50 музички настани, девет театарски претстави, пет изложби и осум филмови од богатата кинематографска ризница на најстарата продуцентска куќа во нашата држава, „Вардар филм“. Република Македонија и градот Охрид ќе бидат домаќини на вкупно 800 врвни уметници, изведувачи и автори од 18 земји од целиот свет, од САД, Франција, Шпанија, Германија, Турција, Албанија, Казахстан, Естонија, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Бугарија, Романија, а за прв пат на фестивалот ќе се претстават изведувачи и од Монако.“-рече министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска.

За синергијата која ја чинат фестивалот „Охридско Лето“ и туризмот во Охрид, проговори градоначалникот Никола Бакрачески.

„Повеќе од пет децении, фестивалот и градот Охрид претставуваат времен дом на врвни светски имиња од областа на музичката и драмската уметност кои што после нивните настапи ја шират убавата охридска приказна насекаде во светот. Како такви, истите претставуваат најголеми амбасадори и на Република Македонија, и на градот Охрид, и тоа не само како лулка на цивилизацијата и културен центар, туку и како атрактивна туристичка дестинација.“-изјави Бакрачески.

Драмскиот дел на Охридско Лето, годинава во чест на Вилијам Шекспир и 400 години од неговата смрт.

„Оваа година, е во името или славењето на големиот Шекспир, 400 години од неговото заминување во некои други сфери. Целиот свет го слави, и се разбира должност е на Охридско Лето како дел од големото семејство на театарски фестивали и големи интернационални фестивали да го даде својот придонес славејќи го овој великан. Токму затоа скоро половината од програмата на Охридско Лето е посветена токму на великиот Шекспир.“-вели драмскиот селектор Ѓорѓи Јолевски.

За музичкиот селектор на фестивалот, Гордана Јосифова-Неделковска, гостувањето на оперската дива Елина Гаранча, но и многуте други светски музички имиња е доказ за реномето на фестивалот во светски рамки.

„Податокот што на 27ми јуни, оперската дива Елина Гаранча настапува заедно со добро познатиот Дмитри Хворостовски, кој што пред три години го отвори фестивалот Охридско Лето, а потоа Елина Гаранча настапува во Метрополитен Арената, е доволен показател дека фестивалот Охридско Лето е една многу значајна, меѓународна, светска сцена и постојано домаќин на најдобрите, најуспешните, и најпромовираните уметници.“-изјави музичкиот селектор Елизабета Јосифова-Неделковска.

Покрај веќе споменатите, годинава на Охридско Лето публиката повторно ќе може да ги чуе и Максим Венгеров, Андреј Коробејников, но и нашиот охриѓанец, гитаристот Дамјан Пејчиноски и неговото трио, кое ќе настапи на роденденскиот концерт на Охридско Лето. Дел од музичката програма, оваа година ќе биде и најпознатата и најдобрата светска труба во џез музиката, Артуро Сандовал. Во драмскиот дел, освен делот посветен на Шекспир, публиката ќе може да ужива и во „Побудалената локомотива“ на Станислав Виткиевич режирана од Јернеј Лоренци, „Сонот на Гогољ“ во режија на Маргарита Младенова и театарската работилница „Сфумато“. На програмата ќе има и неколку изложби, како и проекции на филмови.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top