Додека реката Даљан речиси и да го проголтува патот кај Извиднички Центар, надлежните досега не мрднале со прст. Овој пат не само што е потенцијална опасност за возилата туку и за луѓето кои се движат кај хотелот „Даљан“. Исто така доведено е во прашање и работењето на хотелот, бидејќи кој гостин ќе дојде во хотел поминувајќи низ опасен пат кој во секое време може да пропадне.
Опасно свлечиште на патот кај Извидничко, Охрид. Состојбата со асфалтираниот пат пред хотелот „Даљан“, е алармантна. Реката Даљан, го поткопува овој потег ја нагризува асфалтираната површина, создава брза ерозија, поткопување на горниот слој од површината, а претстои и сериозна опасност од лизгање на патот и да нанесе сериозни проблеми по безбедноста на возилата и луѓето кои се движат кон Извидничкиот одред и хотелот Даљан, алармира управителката на хотелот Славица Стефаноска.
„Веќе еден месец кај што е известен Фондот за патишта и комунален развој за состојбата која што беше во многу поблага форма отколку сега, бидејќи со дождовите речната ерозија продолжува и се повеќе и повеќе го влечи патот и постои сериозна опасност некој да пропадне. Значи ги известивме и писмено и лично бев неколку пати да укажам на опасноста, ја известивме сообраќајната полиција дека патот е небезбеден за движење на возилата, известена е и Дирекцијата за кризи, но сеуште ништо не се презема“ .
Стефаноска проговори и за еден друг аспект, односно како на прагот на туристичката сезоната би можел еден хотел да работи без пристапен пат.
„Навистина нашата работа е доведена во прашање бидејќи по патот не е безбедно да се движи кола а камо ли да пристигни комбе или автобус. Значи останавме без пат, бидејќи не е само она што се гледа, полошата ситуација е што паркингот кој е на патот е поткопан одоздола како една огромна пештера така да прашање е само кое возило ќе помини малку потешко да пропадне во реката со се асфалтот и патот“.
Стефаноска смета дека ваквата состојба е последица на неправилното чистење на коритото на реката Даљан. Таа пренесува дека на местото каде што не било потребно била направена кривина, така што реката удирала под прав агол и го ерозирала земјиштето. Исто така од тежината на машините била пукната и главната цевка за вода но за среќа од Р.Е. Водовод Охрид веднаш интервенирале и ја санирале штетата. Овој пат е единствениот до хотелт и извидничкиот одред. Вчера во посета на ова свлечиште биле претставници и претседателот на Општинскиот Совет за безбедност во сообраќајот, Стефан Димоски. Од таму сметаат дека потребна е итна средба и координација со градоначалникот и надлежните служби во локалната самоуправа, јавните претпријатија, полицијата и на другите институции со цел брзо и ефикасно стопирање на процесот на лизгање и физичко разорување на патот пред хотелот, кај Извиднички центар.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град