Денес е потпишан Договорот за доделување награда на ООУ „Григор Прличев“ Охрид како прворангирано училиште за истражувачки проекти во рамки на „Предизвикот за млади истражувачи #4 – ЗЕЛЕНИ ПРОЕКТИ“ кој се спроведе во месец мај и јуни од страна на Фондот за иновации и технолошки развој.
Училиштето ќе започне со реализација на својот проект „ВЛИЈАНИЕТО НА КОРИСТЕЊЕТО НА АЛТЕРНАТИВНИ ИЗВОРИ НА ЕНЕРГИЈА ВРЗ ЗАЧУВУВАЊЕТО НА ЗДРАВА ЕКОЛОШКА СРЕДИНА“ во месец декември. Истражувањето ќе го спроведат ученици од предметна настава од централното и подрачното училиште во с.Рача, под менторство на наставниците Цветанка Ристеска и Благоја Ристески, со поддршка на директорката на училиштето и службата како и сите вработени во училиштето. Заедничко нешто на сите е грижата за заштитата на нашата околина, унапредување на еколошата свест кај соучениците уште од најмала возраст, но и во поширокото опкружување.
Истражувањето ќе се реализира преку собирање податоци за загадувањето при производство на електрична енергија во термоцентрала. Ќе се постават соларни сијалици и ќе ја пресметаат заштедата на електрична енергија. Ќе ја мерат јачината на светлината со претходно програмиран MICRO BIT и ќе утврдат дали зависи од интензитетот на сонцето, а ќе истражуваат како максимално да се искористи сончевата енергија и ќе се обидат да конструираат модел маќета на СОЛАРЕН робот.
Од резултатите се очекува да се потврди дека помалата потрошувачка на електрична енергија води до помало загадување на околината, а еден од начините тоа да се постигне е замената со сончева енергија, како и можните начини на нејзино максимално искористување.