Власта немаше слух за потребите на туристичките агенции, туристичките водичи, сопствениците на пловни објекти кои претрпеа штети од корона кризата, обвинија денеска од ОК на вМРО ДПМНЕ.
Охрид и туризмот не добиваат никаква помош ниту од централната, ниту од локалната власт, за да излезат од лавиринтот на коронавирусот. Сезоната пропадна без да почне, приходи нема, а трошоците не само што стојат, туку секојдневно растат, порача на денешната прес конференција Перчо Божиновски, портпарол на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид.
„Факт е дека власта немаше слух за потребите на туристичките агенции, туристичките водичи, сопствениците на пловни објекти. Зошто власта не ги ослободува угостителите од плаќање закуп за летни тераси за пропадната сезона? На угостителскиот сектор требаше да му се помогне со 50% од бруто платата за секој вработен за месеците март, април и мај.“ – кажа Божиновски.
Божиновски рече дека мерките за помош од државата можеле да ги користат само 10% од угостителските компании. Праша зошто власта не ги намали критериумите за аплицирање за истите да можат да ги користат сите. На тој начин околу 29.000 угостителски работници ќе видеа спас, кажа Божиноски.
„Откако СДСМ и Зоран Заев го задолжија секое семејство за 1.500 евра, сега врши класичен предизборен поткуп со ветувањето дека ќе делат ваучери од 150 евра. СДСМ и Константин Георгиески ветија многу, но за жал не остварија ништо во туризмот и угостителството.“ – обвини портпаролот.
Божиновски ги повика граѓаните да летуваат во Охрид и Македонија и порача дека ВМРО-ДПМНЕ постојано ќе се ангажира за активна промоција на Охрид и Македонија како безбедни туристички места и поддршка на авиосообраќајот како главен двигател на туризмот. Со обновата којашто доаѓа и своите капацитети ќе собереме сили да го спречиме создавањето цела армија социјално загрозени семејства, кажа Божиновски.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град