Охридската софра и годинава привлече голем број гости

Прекрасниот амбиент во Скребатно и годинава беше место каде добрите кулинари го подготвуваа охридското ѓомлезе. Јованка Кантароска, Крсте Џуклески и Илинка Билбилоска Коваческа се тројцата наградени за највкусно ѓомлезе на овогодинешната манифестација Охридска софра.

 |  Николоска Биљана  | 

Охридската софра поставена со 15 тепсии на вкусни домашни ѓомлезина и годинава привлече голем број гости во Скребатно, во атарот на црквата Успение на Пресвета Богородица. Општина Охрид ја продолжува добрата традиција која од година во година бележи се поголема посетеност од домашни и странски гости. Претседателката на Советот, Гордана Коњаноска истакна дека ова е добар начин за промоција на туризмот бидејќи на туристите им се нуди можност покрај дегустација на домашните македонски специјалитети да им се покажат атрактивните места во руралните средини во близина на Охридското Езеро.

„Тоа се и овие предели и кулинарските специјалитети карактеристични за нашата традиционална кујна, особено презентирани на ваков начин автентично заедно со процесот на нивното подготвување сметам дека се правиот начин на проширување на туристичката понуда и на презентирање на она што е можеби помалку позната вредност за овој регион за туристите“

Повеќето од натпреварувачите неколку години наназад учествуваат на манифестацијата Охридска софра, а има и такви кои годинава се за прв пат.

„Добро е се народ доаѓа тука, се дружат, доаѓаат од секаде, многу е убаво и повеќе да се прошири подобро ќе биде. Јас направив едно ѓомлезе за тука, а друго за гости имам покането, така да имам и питулици со месо, ќе правиме после софра“
„Ние овде убаво се дружиме секоја година традиционално во охридско струшкиот регион ѓомлезото го има на секоја софра, убаво ни е, прекрасно место, дружба, тајната е тоа…најважно е да ја погодиш солта, брашно и вода“
„Многу голем мерак имав да учествувам, дојдов и така за прв пат сум тука, не дојдов за награда“

Од 15 ѓомлезиња беа одбрани три најдобри, од страна на стручното жири, во состав Митко Тилевски, Васко Цуцулески и Биљана Николоска. Првата награда изнесуваше 10.000 денари, втората 5.000, а третата 3000 денари.
Покрај ѓомлезето, питулиците, крофните, не изостанаа и останатите македонски специјалитети, посебно вкусните јадења кои ги имаа подготвено студентите од Факултетот за туризам и угостителство.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top