Охриѓани за Новата година претежно ќе останат дома

Слаб интерес на Охриѓани за дочек на Новата година надвор од земјава. Состојбата не е многу поразлична и кога станува збор за странски туристи кои се одлучиле новата година да ја прослават кај нас.

 |   | 

Слаб интерес на Охриѓани за дочек на Новата година надвор од земјава. Ова се должи на намалената куповна моќ на граѓаните, но и на новите анти- ковид мерки, велат од туристичките агенции.

Споредено со годините пред пандемијата, оваа година заинтересираноста е помалку од 10%, вели Јаким Маленко од туристичката агенција ВисПој.

Секојдневните промени што се случуваат со правилата за патување, со протоколите, со мерките кои ги преземаат сите држави, не само нашата држава, сите држави каде што требаше да се патува, доведе до големо откажување на аранжманите, бидејќи голем дел од земјите ги заострија мерките, воведоа нови правила, кои нови правила не им одговараат на туристите. Тие нови правила ги изложуваат туристите на нови, дополнителни трошоци. На пример: за Грција се воведе задолжителен ПЦР тест. Сите знаеме добро дека еден ПЦР тест чини околу 2000 денари, па ако едно четиричлено семејство треба да оди на одмор, ПЦР тестовите ќе го чинат повеќе отколку тоа што чини аранжманот тридневен за Грција – истакна Маленко.

Сепак, мал дел од нашите сограѓани Новата година ќе ја поминат во Сараево, Белград или Истанбул. Состојбата не е многу поразлична и кога станува збор за странски туристи кои се одлучиле новата година да ја прослават кај нас.

Како што е ситуацијата со out going-от, односно со нашите што треба да патуваат во странство, идентична е ситуацијта и со странските гости во Охрид и Македонија. За жал голем дел од предрезервациите коишто беа направени, со појавата на новиот тип на вирус и со воведување на новите мерки наеднаш почнаа да се откажуваат, така што не може да очекуваме добра посетеност на Охрид за новогодишните празници – додава Маленко.

Сепак не е се така црно и кај дел од странските гости постои заинтересираност за Охрид, како за новогодишните празници, така и за претстојната сезона, вели Маја Богојоска од туристичката агенција Елида Турс.

Црногорци и Срби, тие се воглавно. А за на лето веќе имаме и други групи, Италијани, Романци, здравје, се надеваме дека се ќе се реализира од тоа – вели Богојоска.

Туристичките работници се оптимисти дека состојбата со корона вирусот ќе се нормализира и туризмот ќе продолжи да биде една од главните економски гранки во Охрид.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top