Охриѓани слабо проверуваат дали ги има во избирачкиот список

Охриѓани чии што записи во Избирачкиот список се спорни во многу мал број се пријавиле во подрачната единица на ДИК за да извршат корекции во избирачкиот список. Остануваат уште 16 дена до крајниот рок за поплаки па од ДИК апелират да побрзаат.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Во општина Охрид се евидентирани 215 граѓани кои се на списокот од ДИК за спорни записи. Од нив до денес заклучно со 13 часот во подрачната единица на ДИК се пријавиле само 13 и тоа 4 во подрачната единица , а 9 преку веб апликацијата достапна на интернет страницата на ДИК.

Јас сакам да потенцирам дека рокот за пријавување трае до 19ти август и апелирам во име на ДИК граѓаните да ја проверат нашата веб страница и да видат дали се на списокот  и доколку се да се пријават до комисијата што е можно побрзо, вели Љубица Гугуческа, портпарол на ДИК.

Оние граѓани кои не користат интернет треба да се обратат директно во подрачното одделение на ДИК од 8.30 часот до 19 часот. Досега релативно мал број на граѓани се обратиле до подрачната единица, но од ДИК сметаат дека до дадениот рок бројката значително ќе се зголеми.

Можеби тоа се должи на тоа што е летен период па голем број од граѓаните се на одмор па сеуште не стигнала информацијата до нив, но има уште време до 19ти август да си го остварат своето право и да ги отстранат неправилностите, вели Гугуческа.

Интернет страната на која граѓаните може да проверат дали ги има на списокот на спорни гласачи е www.prijava.sec.mk. Од ДИК велат дека веќе имаат испратено персонализирани писма по пошта до сите граѓани кои  се на списокот  и тие треба деновиве да им пристигнат на домашна адреса. Од денес почнуваат и со поагресивна кампања преку која ќе ги стимулираат граѓаните да проверат дали се на избирачкиот список и веруваат дека сето тоа ќе вроди со плод и бројот на оние кои ќе се пријават до подрачната единица на ДИК за да направат корекции ќе биде значително поголем. Инаку  на ниво на државава од вкупно 40 000 спорни избирачи до денес само 1 224 граѓани се пријавиле во Државната изборна комисија .                            

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top