Охриѓани вчера повеќе од 24 часа останаа без вода. МЈП „Проаква“ поради чистење на водоводната мрежа и резервоарите и сервисирање на шиберни шахти и санација на индустриски броила, едно деноноќие го прекина водоснабдувањето на градот. Граѓаните реагираат дека вода немало повеќе од тоа што беше најавено. Од „Проаква“ со објаснување зошто се пречекорил рокот.
Охриѓани револтирани реагираат дека вчера повеќе од 24 часа останаа без вода. МЈП „Проаква“ поради чистење на водоводната мрежа и резервоарите и сервисирање на шиберни шахти и санација на индустриски броила, едно деноноќие го прекина водоснабдувањето на градот. За тоа уште пред една недела ги извести граѓаните, но во соопштението до јавноста беше наведено дека водата ќе биде пуштена до вчера до 19 часот, а вода граѓаните добија со задоцнување од пет и повеќе часа.
Во текот на акцијата се соочивме со проблем на главниот доводен цевковод од 700милиметри кој доаѓа од пумпната станица Метропол, а која е многиу важна за тековно водоснабдување во летниот период. Ние моравме тој дефект да го санираме, вели Владимир Алексијоски- директор на МЈП „Проаква“.
Охрид, кој е туристички центар недозволиво е да остане без вода повеќе од 24 часа. Охриѓани прашуваат дали може да се направи подобра стратегија при правењето вакви сериозни зафати на водоводниот систем и дали тоа може ад се прави во ноќните часови кога потребата за вода е помала.
Проблематиката со која ние се занимаваме не може да обезбеди 100% прецизност за она што ќе се случи во текот на работата. Ни една акција не е направена без претходно анализирање што и како треба да се направи во нејзиниот тек. Но многу проблеми ни произлегуваат во текот на акцијата и тоа не може да се предвиди, вели Алексијоски.
Инаку, вчера поради немањето вода градов речиси и да не функционираше. Многу угостителски објекти, хотели, слаткарници, фризерски салони, пекари и останати правни субјекти каде без вода буквално не може да се работи, беа затворени. Оваа пракса во иднина мора да се смени бидејќи настанува целосен колапс на градов.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град